Научниците ги направија првите живи роботи од матични клетки од жаба

365

Живите роботи создадени со помош на матични клетки од жаба имаат способност за самозацелување. Тие го добиле името ксеноботи според африканската канџеста жаба од чии матични клетки се создадени. Овие машини се помали од милиметар и доволно мали да се движат низ човечкото тело. Истите можат да одат и пливаат, да преживеат неколку недели без храна и да работат во групи, пренесува Си-ен-ен.

Ова е сосема нов животински вид, изјавуваат научниците од универзитетот во Вермонт кои заедно со колегите од универзитетот Тaфтс ги направија овие необични роботи.
Научниците ги извадиле матичните клетки од ембрион на жаба и ги оставиле да се инкубираат. Потоа ги пресекле и ги трансформирале во посебни облици на тела кои ги дизајнирал суперкомјутер, односно во облици на тела што никогаш не постоеле во природата.

Новонастанатите клетки почнале независно да функционираат. Клетките на кожата се поврзале така што формирале структура на робот, додека клетките на срцевиот мускул овозможуваат машината сама да се движи.

Ксеноботите исто така имаат можност за самозацелување. Кога научниците сецирале еден од нив, тој сам се зацелил и продолжил да се движи.

– Ова е нов облик на жива машина. Таа не припаѓа во групата на традиционални роботи, ниту во познатите животински видови. Оваа машина-робот е сосема нова категорија – програмиран жив организам – изјавил информатичарот Џошуа Бонгард од универзитетот во Вермонт.

Ова истражување делумно е финансирано од Американската агенција за развој на воената технологија. Ксеноботите потенцијално би можеле да се користат за многу задачи, се наведува во студијата за напредни истражувања, како што се, на пример, областа на одбраната и понатамошен развој за воена употреба.

Овие роботи би можеле да се користат за чистење на радиоактивен отпад, собирање на микропластика во океани, пренесување на лекови во внатрешноста на човековото тело или чистење на артериите.

Поточно, овие микромашини можат да преживеат со недели во течност без дополнителни хранливи матетерии, со што се многу добри за интравенско лекување.

Покрај сите можности, научниците би можеле да ги користат ксеноботите во истражувања со цел да дознаат повеќе за принципите на биологијата на клетките, со што ќе придонесат во идниот напредот на човековото здравје и за тајните на долгиот живот.

Се поставува и прашањето дали роботите можат да бидат опасни. За оние кои стравуваат од сценарио на апокалиптичките научно-фантасотични филмови, во кои интелигентните роботи ја преземаат контролата над светот и предизвикуваат смрт на човештвото, нема причина за загриженост.

Овие минијатурни организми се создадени со сопствен резервоар на храна, липиди и протеини, кои им овозмоќуваат да живеат самостојно нешто повеќе од една недела, но неможат да се размножуваат и немаат способност да еволуираат. Нивниот животен век може да се продожи уште неколку недели, само доколку се стават во средина со хранливи материи.