Научниот центар „Тесла“ во САД открива научни мистерии

706

Научниот центар „Тесла“ во Лос Ајленд соопшти дека за време на епидемијата на коронавирус, кога на луѓето во светот им беше советувано да останат во своите домови, на почитувачите на делата на Никола Тесла ќе им биде понудена богата виртуелна програма преку која ќе можат да ги разоткријат големите тајни од последната лабораторија на Тесла, „Ворденклиф“.

Директорот на центарот Марк Алеси во изјавата за Танјуг вели дека лабораторијата за следбениците подготвила поткаст „Тесла анвајерд“, при што првата епизода ја раскажува приказната за мистериозните тунели – дали Тесла ги изградил под лабораторијата „Ворденклиф“ и дали воопшто постојат тие тунели.
Сите заинтересирани може да учествуваат и во големата дебата, каде што ќе можат да зборуваат со Алеси и со авторот на бестселерот „Волшебникот: животот и времето на Никола Тесла“, универзитетскиот професор Марк Сајфер, кој целиот свој живот го посвети на работата и животот на големиот научник, за чии дела одбрани и докторат.
„Волшебникот“ е најкомплетната биографија за Никола Тесла, која содржи детали од неговиот живот, вклучувајќи и мал број што им биле познати само на негови најблиски пријатели и соработници.

„Тесла стим“ исто така ќе им овозможи и на најмладите да се запознаат со еден од најголемите умови во светот. За почитувачите на Тесла, како и за глобалната заедница, во време кога на сите им се советува да останат дома, Алеси наведува дека ќе бидат достапни виртуелни ресурси на центарот со чија помош ќе откријат голем број интерактивни програми и 3Д-експонати. Во наредните неколку недели, сите содржини што ги нуди центарот ќе бидат достапни бесплатно.
Мисијата на центарот е на местото на единствената останата лабораторија на Тесла во светот да се изгради најголемиот глобален центар, со што ќе се зачуваат, обноват и унапредат наследството, образованието и иновациите на Тесла.