Научив да не ја расфрлам енергијата на сите страни

374

МИРА БАЊАЦ (90), СРПСКА ТЕАТАРСКА И ФИЛМСКА ГЛУМИЦА

Можете да бидете популарни за една ноќ, а потоа да ве снема. Важно е траењето, вели Мира Бањац

Легендарната српска и југословенска глумица Мира Бањац на 16 септември го прослави својот 90-ти роденден, но и понатаму работи под полна пареа. Во моментов во Сараево го снима филмот „Сконцентрирај се бабо“, а неодамна играше во две телевизиски серии. Таа вели дека токму работата е тајната на нејзината долговечност.
Родена е во селото Ердевик во Срем, Војводина, во далечната 1929 година. Ѝ припаѓа на првата генерација глумци од Актерската школа во Нови Сад. Кариерата ја започнува во театарот во Сремска Митровица, потоа краток период игра во Бања Лука за следните деветнаесет години од 1951 до 1970 да ги помине во Народниот театар во Нови Сад. Во 1971 станува членка на „Ателје 212“ во Белград, каде што игра до пензионирањето. Остварила многу филмски, театарски и телевизиски улоги, а за неа се објавени книгите „Мирјана Мира Бањац – една и единствена“ од Бојана Стефановиќ и „Не давај се“ од Татјана Њежиќ. Добитничка е на највисоките награди за филм и театар на просторите на бивша Југославија.

Повеќепати сте рекле дека актерството е вашиот живот. Но што сè ви даде вашата професија, а што ви одзеде?
– Мојата професија ми го даде сето она што ја опфаќа мојата долгогодишна кариера, а ми одзеде многу од мојот приватен живот. Морам да ви кажам дека во поглед на приватниот живот не сум меѓу најуспешните. Кога работев во „Ателје 212“ во Белград, додека со него раководеше Мира Траиловиќ, нашите турнеи траеја со месеци и игравме на пет континенти. Сега, се прашувам, можеби токму во моментите на моето отсуство сум му била најпотребна на мојот син. Тоа е една подвоеност, една растргнатост. Но од сето тоа заклучив нешто многу важно. Имено, мора да знаете да правите граници и да знаете што му припаѓа на вашиот живот, надвор од сцената. Научив да не ја расфрлам енергијата на сите страни. Мислам дека на денешните млади актери тоа им е основен проблем. Работат по три-четири проекти одеднаш и немаат време да се дружат, да водат љубов… Едноставно ја бркаат нивната кариера. А кариерата е крајно несигурно нешто или, како што вели Исидора Секулиќ, „кариерата е расиплива стока“. Можете да бидете популарни за една ноќ, а потоа да ве снема. Важно е траењето. А траењето е можно само со правење рамнотежа. Да видиш каде си најпотребен и токму таму да се сконцентрираш.

Кога би имале можност животот да го почнете од почеток, би менувале ли нешто?
– Не. Единствено никогаш не посакувам да се вратам во детството. Многумина со носталгија зборуваат за периодот на детството и младоста но не и јас. Јас впрочем не бев дете. Во периодот на мојата младост се случуваа војни. Секогаш сакав да се извлечам од тој мој период. Кога тргнав да се запишувам на Театарската школа во Нови Сад, јас долго и тешко патував од моето село Ердевик до Нови Сад, малку со воз, малку пешки, па по калишта… Реков: „Одам од Ердевик, и без разлика дали ќе бидам примена на приемниот испит, знам дека назад не се враќам“. Тоа остана како мое животно кредо „Знам, дека назад не се враќам“. Сега веќе во мојот живот, јас не работам ниту за пари ниту за слава. Не размислувам за никакви награди затоа што ги добив сите што можат да се добијат на овие простори. Наградите не се најважни, најважно е што ќе запаметат луѓето од она што сте го работеле вие, како ќе ве памтат и по што. Битно е колку од тоа што сте го пренеле останало во нив и дали тоа ќе го пренесат на идните генерации.

Можете ли да го издвоите најсреќниот период од вашиот живот?
– Да. Тоа се првите десет години поминати во „Ателје 212“. Мира Траиловиќ беше незаменлива управничка, која се трудеше од нашиот ансамбл да направи семејство. Ние бевме една голема и сериозна фамилија. Ако ги нема тие односи, почнуваат суетности, натпреварувања… Ние не се натпреварувавме. Ние се познававме. Јас не љубоморев кога Ружица Сокиќ ќе добиеше улога, затоа што знаев дека кога ќе треба ќе дојде и мојата шанса. Мојот професор на академија, Јуриј Ракитин, велеше дека кој не знае да го опслужи својот партнер на сцената, тој не е добар глумец. И навистина е така. Ако не знаете да ја одиграте најмалата улога, не знаете да ја играте ни големата. Потребна е хемија. И зад најдобрите и зад најлошите нешта, секогаш стои човек.

Како растевте на професионален план и каква беше вашата соработка со режисерите?
– Јас немав проблеми во мојата кариера. Почнав сосема мирно, не станав веднаш славна и успешна. Растев постепено. Имаше и падови, но постепено се развивав и многу сум горда на тоа. Тоа беше така, бидејќи додека работев со полна пареа во Српско народно позориште, имавме пет постојани режисери. Тоа значи дека постојано имате пет различни режисерски сензибилитети, кои знаат која улога и кога треба да ја играте. Тоа сега го нема. Сега, доаѓа режисерот, носи текст, избира неколку глумци, ја прави поделбата на улогите и бидејќи не ги познава, често се прават грешки бидејќи режисерот не знае дали глумецот што го одбрал е способен или не за да ја одигра улогата. Тоа што денес глумците ги има насекаде и во театар и во филм и на телевизија, од една страна е добро затоа што побрзо стекнуваат популарност, но се случува во некои проекти да бидат површни, а тоа не е добро. Но тоа не зависи само од глумецот, туку од целиот проект.

Која е вашата порака кон денешните млади глумци без разлика на тоа дали нивните ангажмани се театарски, филмски или телевизиски?
– На овие наши простори се јавуваат силни млади сили, млади глумци, кои се едноставно тука и нема што да се докажуваат. Тие, за среќа, се образовани, имаат дијапазон што можеби нам ни недостигаше. Образувани се за сите медиуми. Јас, да речеме многу рано почнав да снимам филмови. Порано се знаеше кои се филмски глумци и тешко беше театарски глумец да дојде до филмска улога. Им препорачувам на младите да го освестат делот во себе што ќе им каже што треба да прифатат, а што не, зад која улога можат да застанат, а зад која не. Сите овие модерни медиуми исто така од глумецот ги бараат талентот, способноста и посветеноста, само што техниките се поинакви. Со нивното доаѓање значи имаме нови компоненти во кариерата на еден актер, нови предизвици и ангажмани. Сепак, сметам дека во една актерска кариера театарот е суштината.

Која е Мира Бањац кога е дома, без публиката и без камери?
– Кога ќе застанам пред огледало секогаш заклучувам дека сум малечка и грда. За театарот секогаш ми недостигаа големи очи, големи раце, големи нозе… И за сите тие мои недостатоци, јас морав да работам, да се изнаработам. Кога Љуба Тадиќ ќе ја испружеше раката, ја зафаќаше половина сцена. А јас за сѐ морав да се докажувам многу повеќе за да дојдам до израз. Инаку, дома сум класична домаќинка. Редовно готвам и одам на пазар. Низ паркот се сретнувам со моите пензионери, кои сакам да ги видам, а и тие сакаат да ме видат мене. И секогаш кога сум дома, а кога немам работа, гледам да одморам и да соберам сила. Тоа е време само за мене. Тогаш читам, гледам телевизија или едноставно ништо не правам туку се опуштам и се одморам. Надвор од сцената, јас сум една сосема обична жена.

Филип Димкоски