Наскоро ќе се произведат самоуправувачки автомобили

230

Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, тврди дека при крајот на 2020 година ќе ги произведе нивните први самоуправувачки автомобили, пренесува Би-би-си.

Маск тврди дека се блиску до постигнување на „ниво пет“ на автономност на возилата, за кои нема да биде потребен возач.

Засега, за автомобилите од „ниво два“, кои можат да патуваат со автопилот, сепак е потребно возачот да остане физички присутен и подготвен да дејствува, со рацете на воланот од возилото.

– Идното ажурирање на софтверот може да ја активира автономијата до „ниво пет“ во автомобилите, без да биде потребен нов хардвер. Уверен сум дека петтото ниво, или во основа, целосна автономија, ќе се случи за многу брзо време – изјави Маск преку видео за Светската конференција за вештачка интелигенција во Шангај.

Тој исто така објасни дека единственото нешто што им стои на патот се мали проблеми, кои брзо може да се отстранат. Сепак, ваквото тврдење од страна на Маск, според многумина, е „премногу смело“.

– Станува збор за типочно, пресмело тврдење од страна на Маск. Одредени корисници на „Тесла“ возилата веќе го злоупотребуваат автопилотот на возилата. За автопилот од „ниво пет“ возилото треба да биде блиндирано, а исто така да биде вистински тестирано на отворено – вели автомобилскиот аналитичар Тим Урхарт.