Наскоро ќе биде пуштен најдолгиот пешачки мост во светот

328

Во португалското градче Арука, на само шеесет километри од Порто, ќе биде пуштен во употреба најдолгиот пешачки висечки мост во светот. Тој е долг 516 метри, по што го добил и името „516 Арука“, пренесува Си-ен-ен.

Висечкиот мост е создаден во тибетски стил, го држат челични кабли и две големи кули во форма на буквата „В“ (латинично), а е на 175 метри над земјата.

Проект е на португалското архитектонско студио „Итеконс“, додека за изградбата на мостот биле потребни три години. Тој се наоѓа на источниот дел на Геопарк, близу патеките Паива, реките Ареино и Вау и селата Алваренга, Канелас и Еспуинка.

За да поминете од едниот до другиот крај на мостот потребни се пет до десет минути, во зависност дали ќе брзате или ќе застанете да уживате во прекрасниот поглед на кањонот.

Титулата за најдолг висечки пешачки мост во светот „516 Арука“ ја презеде од досегашниот мост што се наоѓа во Цермат, Швајцарија, чија должина изнесува 500 метри. Овој мост може да се пофали со поглед кон Алпите, кон врвовите Матерхорн и Вајсхорн.

Според плановите мостот „516 Арука“ ќе се отвори во текот на 2021 година.