НАСА ги објави плановите за населувањето на Месечината

319

Програмата „Артемис“ е мисија во чии рамки луѓето ќе ја воспостават првата база на Месечината. Планирано е тоа да се случи во 2024 година. По тој повод, НАСА објави извештај на 13 страници во кој детално е опишано кои се целите на идната мисија. Во овој извештај НАСА, освен целите, ја објаснува и оправданоста на мисијата, но и долгорочните планови за формирањето база на тлото на овој Земјин сателит.
– По 20 години живеење во ниската орбита на Земјата (на Меѓународната вселенска станица), наша следна цел е почеток на експлоатација на вселената и формирање на опкружување погодно за живот на луѓето на Месечината – вели администраторот на НАСА, Џим Бриденштајн.

Според него, во текот на наредните години мисијата „Артемис“ ќе послужи како ѕвезда водилка, која ќе покаже кои се клучните чекори што мора да се преземат, за да можат луѓето повторно, но на подолго време, да се вратат на Месечината.
Во текот на мисијата ќе биде формирана база, најверојатно кај кратерот Шеклтон, на јужниот пол на Земјиниот сателит.
Во објавениот документ стои дека базата ќе биде опремена така што ќе може да прими четворица астронаути, кои ќе можат во неа да престојуваат со недели.
Долгорочна цел е базата да има сектор за комуникација, како постројки за производство на струја и оставање на отпадот. Се планира и изградба на штит од радијација и место за слетување.

Базата ќе биде погодна за тестирање на развојот на новите технологии, но и за проучување на лунарната површина. Значајни ќе бидат и проучувањата на студените лунарни ноќи, но и на можноста материјалите од површината на Месечината да се искористат како ресурси.
Кампот „Артемис“ ќе биде опремен со два мобилни системи, и тоа со лунарно возило, кое ќе им го олесни движењето на астронаутите, и со мобилна платформа, на која ќе можат да се организираат истражувања надвор од територијата на базата во траење од 45 дена. Истиот систем се развива и за мисијата што ќе биде организирана кога луѓето ќе слетаат на Марс.

Во извештајот стои дека мобилноста ќе биде главното обележје на базата „Артемис“, пренесува сајтот „Спејс“. Мобилноста ќе биде неопходна за да може квалитетно да се истражи површината на Месечината.
Освен тоа, ниската орбита на Месечината ќе биде искористена за поставување орбитална станица, која ќе орбитира околу неа и ќе биде точка од која ќе тргнуваат идните мисии кон Марс.
Важен дел на планот е дека на орбиталната станица ќе бидат организирани мисии за тренинг за лет кон Марс, во кои екипата од четворица астронаути ќе ги симулира условите и времето потребно да се допатува до Црвената Планета. Овие мисии ќе претставуваат најдолги патувања на човекот во длабочината на вселената и ќе бидат тест за подготвеноста на луѓето на долги патувања и изолација.

Тоа покажува колку се сериозни и важни организацијата и спроведувањето на мисијата „Артемис“, бидејќи со нејзината успешна реализација ќе дојде до нагло развивање на вселенската технологија и до побрз и полесен пробив во пространиот космос и идната експлоатација на површината на Марс.
Кампот „Артемис“ ќе се развива неколку години, а технологија ќе има во секое катче на неговата површина. Научниците очекуваат дека рудите што ќе се пронајдат ќе може да се искористат за развој на кампот и за снабдување со потребната енергија и ресурси. Освен тоа, ќе биде изводливо поставување на радиотелескоп на подалечната страна на Месечината, со кој ќе се управува директно од базата „Артемис“.