НАСА верува дека може да испрати луѓе на Марс за 25 години

146

Смртоносната радијација од вселената, можно ослепување, атрофирање на коските. Тоа е само дел од предизвиците што научниците мораат да ги решат пред некој астронаут да стапи на Марс.

Американската вселенска агенција(НАСА) верува дека може да однесе човек на Црвената планета во следните 25 години, но технолошките и медицинските пречки се големи.

– Според постоечкиот буџет што ни е на располагање, или дури и нешто зголемен, ќе ни требаат околу 25 години да ги решиме тие проблеми – рече Том Џонс, поранешен астронаут и вработен во НАСА.

– Но со клучните технологии мораме да почнеме веднаш – додава Џонс.

Со оглед дека е оддалечен 225 милиони километри, Марс поставува неспоредливо поголеми научни пречки во споредба со оние при летот кон Месечината.

Со денешната ракетна технологија, на астронаутот до Марс би му требале девет месеци. Физичката цена за толку долг лет би можела да биде преголема.

На пример, научниците сметаат дека предолгиот престој во бестежинска состојба може да предизвика непоправлива штета на крвните садови на очната мрежница и можно ослепување.

Друга последица е губење на калциумот и коскената маса.

Еден од начините да се избегне нанесување штета на човечкото тело е драстично намалување на времето на патување.

Џонс се повикува на нуклеарниот погон, што би имало дополнителна полза во производството на струја при летовите.

– Ако почнеме сега, за 25 години би можеле да имаме технологија што ќе ни помогне и ќе нѐ заштити од последиците на долгото патување – додава Џонс.

Според постоечката ситуација, астронаутот само на летот до Марс би бил изложен на количество на радијација на какво би смеел да биде изложен во целата кариера.

– Сѐ уште немаме решение кога станува збор за заштитата од космичко зрачење – рече Џонс.

Научниците знаат кои технологии мораат брзо да се развиваат ако сакаат да одат до Марс во рок од 25 години, како развој на вселенски брод што може да преживее груб влез во атмосферата на Марс, а потоа доволно нежно да слета.

НАСА во моментот има сонда на патот кон Марс. Ќе слета на 26 ноември. Станува збор за мисија вредна 993 милиони долари со цел проширување на знаењето за условите на Марс.

Џим Гарвин, главен научник во вселенскиот центар Годард, вели дека сондата ќе ги пополни „клучните“ празнини во сфаќањето на Марс.

Во 2020 година уште еден ровер на НАСА ќе стигне на Марс и ќе се обиде да ја утврди гостопримливоста на тамошната средина, ќе побара знаци на некој древен живот и ќе ги процени природните ресурси и ризиците на идните човечки истражувања.

Дополнително, приватните компании како Спејс Икс развиваат технологии што би можеле да се користат во идните мисии на Марс.
Некои експерти сметаат дека новите истражувања на Месечината се клучни за мисиите на Марс, бидејќи астронаутите на Земјиниот природен сателит би можеле да учат примена на технологија што ќе им биде потребна на Црвената планета.