Направен вештачки вирус што уништува тумори

421

Научници во лабораториски услови тестирале лек што дејствува како вештачки вирус што уништува тумори. Лекот наречен БO-112 го имитира РНК-вирусот и ги инфицира клетките на туморот, а моментно се прават тестирања на луѓе.
Овој лек го користи одбранбениот механизам на имунолошкиот систем против вирусот. Кога влегува во туморот, го активира имунолошкиот систем, кој често не ги препознава клетките на ракот. Меѓутоа, кога туморот е „заразен“ со овој лек, имунолошкиот систем го забележува и дејствува против него, пишува „Лајв сајенс“.
– Лекот, кој е тестиран кај глувци и група луѓе, може да ги зајакне ефектите на постојните третмани против тумори врз основа на имунолошкиот одговор – вели Ануша Калбаси од Универзитетот во Калифорнија, еден од авторите на студијата.
Со други зборови, кога БO-112 ќе ја открие локацијата на туморот, другите третмани може полесно да дејствуваат на него. Научниците досега го тестирале овој лек за лекување меланом кај глувци. Го примиле и 44 пациенти што добивале или не друга антиканцерогена терапија. Раните откритија од истражувањето покажале дека БO-112 може да помогне имунотерапијата да дејствува на тумори што тешко се лекуваат, но потребно е тестирање кај поголема група пациенти.

Имунотерапијата дејствува со стимулирање на имунолошкиот систем да се бори против тумори, но клетките на ракот се спротивставуваат на овие напади на различни начини. Лекот БО-112 го мами туморот дека е заразен со вирусот и со тоа го охрабрува да произведува антигени, што го прави позабележителен, а со тоа и поранлив на ефектите на имунолошката терапија. Било забележано дека со ваквиот третман, туморите престанале да растат и се намалувале.
– Терапијата кај глувците најдобро се покажа кај помалите тумори, бидејќи тие драматично се намалуваа, па дури и исчезнуваа, додека поголемите тумори по терапијата почнаа повторно да растат – вели Калбаси.
Кога станува збор за испитувања врз луѓе, повеќето пациенти добро ја толерирале терапијата, но тројца имале несакана реакција, како што се пневмонија или драматичен пад на тромбоцитите.