Надрилекарствата закана за истребување на лилјаците од Темната пештера

620

Мирјана Мукаетова

Лекот направен од лилјак, потопен во литар масло што отстојал три недели лекува увоболка, а пак, крв од лилјак капната на вратот помага за добивање пород. Ова се само некои од рецептите што ги прават надрилекари, а дебело ги плаќаат суеверни граѓани што веруваат дека ќе се излекуваат од најтешки и неизлечиви болести, дека брзо ќе го пронајдат својот животен партнер, или дека ќе добијат пород. Колку повеќе се зголемува бројот на посетители на Темната пештера толку повеќе се намалува бројот на лилјаците.

Фотографијата со лилјаци под наслов „Истребување“ на Роберт Паризов е една од најгласаните на меѓународниот конкурс на интернет-страницата „Заштита на природата“. Фотографијата е направена во селото Мрежичко, Кавадаречко, во Темната пештера, каде што живее колонија лилјаци. Во последно време им се заканува истребување затоа што покрај природните предатори во последните години најголем предатор за лилјаците е човекот. Тие ги убиваат и ги користат овие животни за лекови.

– Со масовното учество во натпреварот ќе се добие одговор зошто природата треба да се заштитува, а самиот одговор ќе биде презентиран преку фотографија. На овој натпревар учествував со четири фотографии во различни категории, пејзаж, див свет, градови и луѓе. Се радувам што фотографијата „Истребување“ предизвика толку голем интерес и наедно ќе алармира за да се престане со безобѕирното убивање на лилјаците како алка во природниот еко-систем – вели Роберт Паризов, претседател на регионалниот еко-центар „Екоживот“ од Кавадарци.
Нивните активности се насочени кон откривање и посочување на проблемите со кои се нарушува природниот еко-систем.