Нада Обриќ со своја шоу-програма на 25-от „Охрид-фест“

116

Познатата балканска пејачка на народна музика Нада Обриќ (70) ќе учествува на јубилејниот, 25-ти „Охрид-фест“, што ќе се одржи на почетокот на идниот месец. Таа ќе настапи на 6 септември, кога заедно со публиката ќе ги отпее своите најголеми хитови, кои и денес со задоволство се слушаат во Македонија. Токму поради тоа, освен пејачката и публиката се радува на оваа средба со Нада Обриќ. Длабоката емотивност, распродадените концерти и незаборавни дружења со публиката се рецептот за успешните гостувања на Обриќ насекаде во регионот.

– Со радост ги очекувам доаѓањето во Охрид и гостувањето на „Охрид-фест“, кога по многу години повторно ќе се сретнам со македонската публика. Во Македонија сум имала незаборавни концерти, кои ми се врежани во сеќавањата. Тоа се прекрасни, срдечни луѓе, кои ја сакаат музиката. На првиот фестивалски ден ќе имам своја шоу-програма кога ќе отпеам некои од моите најголеми хитови, за кои знам дека сѐ уште не се заборавени. Исто така во сеќавање ми се и прекрасната македонска кујна, единствените специјалитети по кои Македонците се надалеку познати – вели Нада Обриќ.

Инаку, ова е исклучително успешна година за пејачката, која со својот глас, талент и емоција остави голема трага во музичкиот живот во регионот. Токму затоа дискографската куќа „Југотон Кроација рекордс“ издаде трикратно цеде со 50 нејзини оригинални хитови, антологиска збирка на најубавите песни на Нада. Веќе се одржаа промоции во Загреб и во Белград на ова ретко издание.