Музика од Мали и светски ѕвезди на „Оф-фест“

73

Традиционалниот „Оф-фест“, кој годинава ќе се одржи (рекордни шест дена) од 3 до 8 јуни, е сочинет од девет настапи и еден документарен филм. Осумнаесеттото издание на фестивалот ќе го отвори, на 3 јуни во МОБ, виртуозниот дует на велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора-мастер Секоу Кеита, како и нашиот Крсте Роџевски, со концертна премиера на својот исклучително интересен и вреден материјал, во придружба на своите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез-сцена.

На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм „Мали блуз“, а потоа и со концертот на единствениот Басекоу Коујате и неговиот бенд „Нгони Ба“, промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум „Miri“. Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер, на 5 јуни, во МОБ, со настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот „Оф-фест“, атрактивната африканска дива Фатоумата Диавара. Во рамките на т.н. „Балкан фивер најт“, на 6 јуни во МКЦ ќе се „судрат“ две големи балкански атракции од „Ворлд мјузик“: неприкосновените претставници на „унгарската тамбура“ Сондорго и струмичкиот фанки-тигар Џамбо Агушев, со неговиот многуброен, експлозивен и светски популарен дувачки оркестар.

Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудиовизуелен перформанс на либанскиот одговор на „Готан проџект“, групата „Лав енд ривенџ“ и Колумбијците „Ромперајо“. Фестивалот ќе заврши на 8 јуни, во клубот „Епицентар“, со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Деди Џи од „Масив атак“.