Музиката на групата „АББА“ повторно на големото платно

150

Продолжението на мјузиклот „Мама миа“, чија премиера ќе се одржи на 20 јули, ќе ги прикаже настаните што им претходеа на оние од хит-филмот од 2008 година

Мерил Стрип повторно ќе ги пее познатите хитови на шведската група „АББА“. Како звучи тоа десет години по хит-филмот „Мама миа“ ќе дознаеме на 20 јули, кога ќе се случи светската премиера на филмот „Мама миа – одиме повторно“.
Уште од крајот на минатото лето, кога филмот се снимаше на хрватскиот остров Вис, во Јадранско Море, многумина се прашуваа што смислиле продуцентите за продолжението на гледаниот мјузикл. Кога се појави трејлерот, без Мерил Стрип, но со глумицата Шер во улогата на нејзината мајка, остана да лебди прашањето дали славната глумица ќе глуми во филмот. Мистеријата беше решена неодамна, кога се појавија првите фотографии, кои публиката со нетрпение ги очекуваше.

Една деценија по премиерата на „Мама миа“, филм снимен за 50 милиони долари, кој заработи 12 пати повеќе – 600 милиони долари по прикажувањето низ целиот свет, гледачите ќе се вратат на имагинарниот грчки остров Калокери (на грчки тоа значи лето), со музика заснована на хитовите на групата „АББА“. Улогата на Дона овој пат ја толкува Мерил Стрип, добитничката на три „оскари“ за епизодната улога во „Крамер против Крамер“ и за главните улоги во филмовите „Изборот на Софија“ и „Челичната леди“. Нејзините најдобри пријателки Рози и Тања ги играат Џули Волтерс и Кристина Барански.

Аманда Сајфред и Доминик Купер и во продолжението ги толкуваат ликовите на ќерката Софи и зетот Скај, додека Пирс Броснан, Стелан Скарсгард и Колин Фирт, награден со „оскар“ за главна улога во „Говорот на кралот“, се враќаат на улогите на потенцијалните татковци на Софи: Сем, Бил и Хари. Актерската екипа ја дополнува Лили Џејмс („Пепелашка“, „Возач“), во улогата на младата Дона. Освен скриеното, но сепак прерано откриено изненадување – Шер, во филмот се појавува и Енди Гарсија.
Во првиот филм ја запознавме младата Софи, пред венчавката, додека открива кој ѝ е вистинскиот татко, бидејќи мајка ѝ истовремено имала тројца додворувачи. Во продолжението, пријателките на Дона, Рози и Тања, доаѓаат на островот да ја посетат Софи, која е бремена, и ѝ раскажуваат каква била Дона кога била бремена со неа. Значи, ќе ја проследиме приказната што се случила пред онаа во првиот филм. „Мама миа: одиме повторно“ нѐ враќа назад во времето за да видиме на кој начин се граделе односите меѓу ликовите.

Дејството на вториот филм се случува во 1970-тите години и ја следи младата Дона, која ги запознава Сем, Бил и Хари и влегува во врска со секого од нив. Судејќи според најавите, постои веројатност во продолжението конечно да се добие одговорот што цели 10 години ја мачи Софи – кој е нејзиниот татко. Меѓутоа, она што со право ги загрижува обожавателите на филмот е дали осмислувањето на таквата сторија е паметна одлука и дали е потребно приказната за љубовниот живот на Дона и изборите што ги правела да добие епилог. Дотолку повеќе што пораката од првиот филм „Мама миа“ беше дека семејството го избираме самите и оти не е неопходно да откриеме баш сѐ за него, напротив.

„Мама миа: одиме повторно“ е снимен според сценариото и во режија на Ал Паркер, а продуценти се Гери Гоцман и Џуди Крајмер. Инаку, машката половина на групата „АББА“, Бени Андерсон и Бјорн Улваес повторно беа задолжени за изборот на музиката и на песните, а ја прифатија и работата на извршни продуценти.

Првиот филм, работен по урнекот на успешниот бродвејски мјузикл, ни овозможи да се сетиме на сите дископоп-хитови, со доза на носталгија и задоволство, потпевнувајќи ги кога ќе ги слушнеме во етерот. Во првото продолжение музичарите и продуцентите внимателно ги избрале речиси сите најголеми хитови на шведската музичка сензација, па сега се поставува прашањето кои композиции преостанале да се употребат во продолжението. Иако „АББА“ беше многу плоден состав, остана навистина мал избор на песни што би можеле да се искористат во вториот филм, а меѓу нив се: „Rock Me“, „Sitting in the Palmtree“, „Fernando“ и „Bang-A-Boomerang“. Токму од таа причина, потврдено е дека повторно ќе слушнеме и песни од првиот филм, но во малку поинаков манир и со изменети аранжмани.