Монолит налик на оној во Јута се појави во Романија

313

Метален монолит речиси идентичен со оној откриен во американската сојузна држава Јута, кој по 10 дена исчезна, сега се појави во Романија во близина на тврдината Петродава, објави „Дејли мејл“.

Појавувањето на мистериозната тристрана метална структура со висина од околу 3,5 метри во Романија доаѓа во исто време кога монолитот во Јута беше отстранет од својата локација во пустината Ред Рок, од страна на непознат сторител, соопштија локалните власти за време на викендот.

Сјајниот столб беше пронајден минатиот четврток на ридот Батка Доамнеи во градот Пјатра Неамт, во североисточниот дел на округот Неамт.

Монолитот се наоѓал на неколку метри од дачанската тврдина Петродава, важен археолошки локалитет и тврдина што била изградена од старите Дачани меѓу 82 година пр.н.е. и 106 година од н.е., подоцна именувана како римската провинција Дакија.

За тврдината пишувал римскиот полимат и филозоф Клавдиј Птоломеј и е најстариот историски споменик во регионот. Се верува дека тврдината била изгорена во 2 век н.е. во времето кога Римјаните го освоиле регионот, иако урнатините на тврдината се уште се недопрени и сочинуваат делови од градскиот ѕид.

Монолитот е во непосредна близина на тврдината и со едната страна е свртен кон планината Чеахлау, познатата како Карпати, која е едно од седумте природни чуда во земјата, позната на локалното население како Света Планина.

– Почнавме да го разгледуваме чудниот изглед на монолитот. Тоа е на приватен имот, но сè уште не знаеме кој е сопственик на монолитот. Се наоѓа во заштитено подрачје на археолошки локалитет. Пред да инсталираат нешто таму, им требаше дозвола од нашата институција, која потоа треба да биде одобрена од Министерството за култура – изјавила Роксана Јосану претставничка на округот Неамт за култура и наследство.