Монолитот во Калифорнија отстранет и заменет со крст во бизарен чин на вандализам

1554

Монолитот во американската сојузна држава Калифорнија исчезна набргу по неговото појавување на планината Пајн, во паркот Атаскадеро, пренесува „Асошиејтед Прес“.

Откако беа објавени фотографии на социјалните мрежи, структурата висока три метри ги привлече планинарите. Се претпоставува дека монолитот е тргнат завчера, од страна на група млади луѓе кои патувале пет часа за да го отстранат, според објавата на фејсбук-страницата на градот Атаскадеро.

На видео објавено на Интернет се гледа група млади луѓе кои носат очила за ноќно гледање, како го рушат она што се чини дека е монолитот, додека скандираат „Христос е крал“ и „Америка пред се“. Исто така се слуша како некој човек зборува: „Не сакаме илегални мигранти од Мексико или од вселената“.

Младите ја замениле конструкцијата со дрвен крст, кој исто така исчезнал. Од монолитот останале само неколку парчиња арматура. Полицијата го разгледувала видеото, објавија локалните медиуми. Уништувањето на монолитот било осудено од тамошното население.

– Вознемирени сме што овие млади имале потреба да возат пет часа за да дојдат во нашата заедница и да го вандализираат монолитот. Монолитот беше нешто уникатно и забавно во ова стресно време – изјавил градоначалникот Хедер Морено во соопштението за јавноста.

Неодамна беа откриени уште два слични монолита, кои во меѓувреме исто така беа отстранети. Првиот беше забележан пред две недели во американската сојузна држава Јута, а вториот во Романија неколку дена подоцна. Монолитот во Јута стана популарен бидејќи асоцираше на култниот филм „Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик снимен во 1968 година и привлече стотици луѓе.