Може да добиеме генерација деца што страдаат од анксиозност

127

Додека се чини дека кај голем број деца коронавирусот предизвикува само релативно благи симптоми, од друга страна, психолошките последици што пандемијата на ковид-19 би можела да ги остави кај најмладите во форма на анксиозност би можеле да бидат далеку потрауматични, тврдат експертите. Според детските психотерапевти, денес на детските игралишта можат да се слушнат досега непознатите изрази за нив, како што се пандемија, изолација и затворање.

– Загрижен сум дека може да добиеме генерација деца што страдаат од анксиозност кога е во прашање здравјето – вели Ники Чопра, семеен лекар од јужна Англија, кој има две ќерки, на возраст од две и четири години.
Тој раскажува за неговата постара ќерка, која инаку била разиграно и безгрижно дете, дека кога се вратила дома од градинка рекла: „Ако не миеме раце, би можеле да умреме“. Еден детски психотерапевт од Лондон посочува дека сегашните детски игри и зборовите што децата ги користат, на остар начин го одразуваат „новото секојдневие“, пренесува „Ројтерс“. Децата дури измислија нова верзија на играта инаку позната како „шуга“, во која оној што ќе биде прв фатен, оди во „изолација“ и ако тоа му се случи повторно, тогаш тој е „мртов“.

Психотерапевтот укажува и на случаи во училиштата каде што имало деца од кинеско потекло, каде што тие биле малтретирани и им се довикувало дека се „валкани“ и „одвратни“ затоа што „јадат кучиња и змии“.
– Децата не се лоши, но нивниот страв е толку голем што единствено можат да го проектираат само на другите за да добијат одредено чувство на контрола – истакнува тој.

Затоа експертите советуваат дека наместо да паничат, возрасните, родителите, соседите, наставниците и пријателите, мора да дејствуваат на начин што ќе има смирувачки ефект врз децата.