Моделството кај нас сѐ уште не може да биде професија

159

Моделите не можат да опстојуваат само од оваа работа, бидејќи ангажманите се скромни во нашата држава, па најчесто тоа го прават само како хоби или дополнителна работа

Манекенството кај нас сѐ уште не може да се избори да стане професија. Најчесто се сфаќа како хоби или дополнителна хонорарна работа. Освен на „Моден викенд“, реклами, спотови, ретко кој ангажира модели кај нас. Успешни модели и манекени има малку, а своето име го изградиле со ангажмани надвор од Македонија.
Вратите на модната агенција „Подиум“ секогаш се отворени за нови лица што сакаат да бидат дел од агенцијата. Тие редовно организираат кастинзи за нови лица, а потоа следува курс што го водат искусни модели и знаат како да им го пренесат сето тоа што тие го научиле во своето долгогодишно работење како модел.

– Последниве неколку години курсот го предводи Ивана Гелева, една од нашите најбарани манекенки. Таа ги мотивира нашите нови курсисти да стекнат повеќе самодоверба, да го подобрат своето држење на телото, да научат како правилно да чекорат по писта или да позираат пред камера. Освен тоа, им даваме и совети на новите курсисти за тоа како најдобро да ја работат работата како модел и како функционира модната индустрија кај нас, како и да ги научат сите нејзини тајни – вели Моника Алексовска од агенцијата „Подиум“.
Критериумите што треба да ги исполнат моделите е да ја имаат потребната висина, убава линија и да изгледаат убаво.

– Но тоа не е секогаш најважниот и единствен услов за да се биде модел. Секогаш сме во потрага по уникатни и специфични модели, кои својот карактер на најдобар начин го покажуваат на модните писти и пред камерите. За да биде постојано и редовно ангажиран еден модел, треба да умее да владее со пистите, да зрачи со самодоверба, секогаш на најдобар начин да ја претстави креацијата на дизајнерот, да знае како да позира пред камера и како најдобро да излезе на фотографија, да умее да глуми, да биде дисциплиниран – сподели Алексовска.

„Модниот викенд Скопје“ е најдобрата можност за моделите да се истакнат и да зачекорат на модните писти, но, за жал, и единствениот настан. Поради тоа моделите не можат да опстојуваат само од оваа работа, бидејќи ангажманите се скромни во нашата држава, па најчесто тоа го прават само како хоби или дополнителна работа.

– Секако дека има и други ангажмани освен модниот викенд, како што се индивидуалните ревии, фотосесии, учество во музички спотови, фотографирање за списанија, каталози, реклами и дома и во странство. Во Македонија има прекрасни модели, кои имаат огромен потенцијал, кои можат да стојат рамо до рамо со светски познатите, но, за жал, тука немаат толкава можност да се истакнат како што би имале во модно развиените држави што ја предводат светската модна индустрија. За жал, во Македонија нема доволно ангажмани, средства и такво медиумско светско внимание за да можеме да им парираме на огромните модни центри, па, така, и нашите модели ја немаат таа можност да ја добијат таа популарност, да заработуваат многу и да ја градат успешно својата модна кариера, како Џиџи Хадид, Жизел Бундшен, Кендал Џенер – вели Моника.

Таа исто така додава дека секој модел треба да создаде еден здрав и постојан начин на живот, кој вклучува правилна исхрана и физичка активност, за да изгледа убаво и за да ја има потребната енергија што ја бара оваа работа.