Млади музичари од повеќе европски земји ќе се натпреваруваат во Охрид

83

Идејата на натпреварот, уште од основањето, во 1970 година во Брисел, е афирмација на посебно надарени млади уметници и нивна промоција на професионалните концертни подиуми во Европа и во светот

Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ ќе се одржи в сабота, во Охрид, по осумнаесетти пат. Во пет натпреварувачки дена, до 19 јуни, во салата на Градското собрание на градот Охрид, ќе настапат осумдесетина учесници од Германија, Обединетото Кралство, Русија, Полска, Литванија, Грција, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија. Годинава на програма се дисциплините дувачки инструменти, флејта, обоа, кларинет, саксофон, труба, хорна, тромбон и камерна музика во различни состави со споменатите инструменти.

– Овој реномиран натпревар им нуди можност на младите уметници за претставување на личните достигнувања, дружење и размена на искуства со колеги од целиот свет, како и контакт со врвни педагози и репродуктивни уметници од областа на класичната музика, кои учествуваат како членови на комисиите. Поставувањето високи стандарди при конципирањето на програмата и строгата селекција на наградени учесници се предизвик за посебно надарени млади музичари од целиот свет, кои веќе осумнаесет години доаѓаат во Охрид и со учеството на натпреварот ја надградуваат својата професионална уметничка кариера – велат организаторите.

„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар, член на меѓународната асоцијација ЕМСИ – Европска асоцијација на музички натпревари, од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји. Токму членувањето во ова здружение го издвојува натпреварот „Охридски бисери“ во однос на голем број други натпревари што се одржуваат во нашата земја и во регионот. Идејата на асоцијацијата ЕМСИ уште од основањето, 1970 г. во Брисел, е афирмација на посебно надарени млади уметници и нивна промоција на професионалните концертни подиуми во Европа и во светот. Таа се остварува и преку организирање семинари и мастер-класи со еминентни педагози и репродуктивни уметници, концертни турнеи, настапи со оркестри и вредни стипендии од универзитети во Европа и во САД.

Годинава учеството во комисиите го потврдија професори од повеќе европски музички академии: Андреј Иков, професор по труба и прв трубач во светски познатиот „Бољшој театар“ од Москва, Русија; Детлеф Бенсман, саксофонист, и Петер Арнолд, хорнист од Германија; Пенчо Пенчев, професор по труба од Бугарија; Бранко Михановиќ, обоист од Загреб, Хрватска; Бранислав Аксин, тромбонист и Лаура Леваи Аксин флејтистка, двајцата професори на Музичката академија во Нови Сад, Србија; Емир Нухановиќ кларинетист од Сараево, БиХ; како и нашите Страшо Темков, професор по флејта, и Васо Ристов професор по труба, од Факултетот за музичка уметност во Скопје.
– Особено важно за сите учесници на натпреварот „Охридски бисери“ се секако наградите. Во секоја дисциплина и категорија се доделуваат три главни награди, а од победниците на завршниот концерт стручното жири одбира тројца добитници на вредни парични премии и гран при за најуспешниот учесник на целиот натпревар. Освен тоа, на натпреварот се доделуваат и специјални награди: од асоцијацијата ЕМСИ, од фондацијата „Томислав Зографски“, од нашите здруженија СОКОМ и СМУМ, како и награда инструмент саксофон од компанијата „Јамаха“ за најуспешниот саксофонист – велат организаторите.

Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и на општината Охрид.