Мистериозни хакери „Робин Худ“ донираат во добротворни цели

94

Анонимна хакерска група донира украдени пари од компании во добротворни организации, што се чини како многу необичен потег кога станува збор за компјутерски криминал, но тие доказите за тоа ги објавуваат на „дарк веб“ (дигитално подземје).
– Хакерите, кои се нарекуваат „Дарксајд“, тврдат дека изнудиле милиони долари од компании, но дека со тие пари сакаат да го направат светот подобро место. Во нивниот блог, тие тврдат дека нивните напади се насочени само кон големи и профитабилни компании и дека ги „држат во заложништво“ нивните ИТ-системи сè додека не платат откуп – пишува „Би-би-си“.
Во својата објава на „дарк веб“, оваа банда ги приложила биткоин-сметките на кои им донирала пари на две добротворни организации – „Вотер проџект“ и „Чилдрен интернешнел“. Бил објавен и доказ за плаќањето, а една од двете организации изјавила дека нема да ги задржи парите.
– Сметаме дека е праведно дел од парите што ги плаќаат да оди за добротворни цели. Без разлика што мислите дека правиме лошо, ние сме среќни што знаеме дека сме му помогнале некому – напишале хакерите во објавата.

Експертот за компјутерска безбедност Брет Калоу вели дека не е јасно што се надеваат криминалците дека ќе постигнат со донирање, а смета дека тоа им помага да ја ублажат вината за она што го прават. Покрај тоа, тој цени дека постои можност овој потег да е од егоистична природа, односно дека тие сакаат да се претстават себеси како Робин Худ на денешницата.
„Дарксајд“ е релативно нова хакерска група на сцената, но пазарите на криптовалути потврдуваат дека таа активно изнудува средства од жртвите, а има и докази за потенцијални врски со други криминални сајбер-групи.