Мислевме дека сме изолирани од природните опасности

104

Колумна на британскиот писател Џорџ Монбиот

Живееме во меур, меур на лажна утеха и негирање. Почнавме да веруваме дека го надминавме овој материјален свет. Богатството што го акумулиравме, честопати на штета на другите, нè заштити од реалноста. Живеејќи зад екранот, поминувајќи време меѓу нашите затворени капсули – куќи, автомобили, канцеларии и трговски центри, се убедивме дека веќе не постојат случајности, дека сме го достигнале оној степен кон кој се стремат сите цивилизации, а тоа е изолација од природните опасности, пишува во својата колумна за „Гардијан“, британскиот писател Џорџ Монбиот, кој е познат по својот еколошки и политички активизам.

– Сега таа мембрана се распадна и се гледаме себеси голи и огорчени, затоа што биологијата, за која мислевме дека е прогонета, како невреме поминува низ нашите животи. Затоа, кога оваа пандемија ќе помине, искушението ќе биде потрага по нов таков меур. Но не можеме да си го дозволиме тоа. Отсега ќе мора да го изложуваме умот на болната реалност што толку долго ја негиравме.
Има толку многу болести на планетата што коронавирусот го прават да изгледа лесен и излечлив. Сепак, во последниве години, ме опседнува едно прашање: а тоа е како ќе се храниме. Борбите за тоалетна хартија се доволно грди и се надевам дека никогаш нема да дојдеме до ситуација да се караме на истиот начин за храна – вели Монбиот.

Постојат голем број докази што покажуваат како климатските проблеми влијаат на нашето снабдување со храна. Земјоделството во некои делови на светот е веќе погодено од суша, поплави, пожари и штетници. Кога таквите опасности ги нарекуваме „библиски“, всушност мислиме на оние работи што им се случиле одамна на луѓето чии животи тешко можеме да ги замислиме. Сега, со зголемена фреквенција, тие ни се случуваат и нам. Во својата следна книга „Нашето последно предупредување“, Марк Линас објаснува што може да се случи со снабдувањето со храна како последица од глобалното затоплување.

– Во овој момент, серија меѓусебни влијанија се закануваат дека ќе го испратат производството на храна во спирала на смртта. Надворешните температури стануваат премногу високи за да можат да ги поднесат луѓето, што го прави земјоделството невозможно низ Африка и Јужна Азија. Стоката умира од топлината. Температурите почнуваат да ги преминуваат смртоносните прагови за земјоделските култури низ целиот свет, а најголемите региони за производство на храна се претвораат во контејнери со прашина. Глобалната пропаст на жнеење во светот, нешто што никогаш не се случило во современиот свет, станува сѐ поверојатна – пишува британскиот писател.

Во комбинација со зголемената човечка популација и загубата на вода за наводнување, сето ова би можело да го доведе светот во структурен глад. Дури и денес, кога во светот има вишок храна, стотици милиони живеат недоволно нахранети поради нееднаквата распределба на богатството и моќта. Благодарение на нашата илузија за безбедност, ние не правиме речиси ништо за да ја предвидиме оваа катастрофа, а камоли да ја спречиме. Ова егзистенцијално прашање се чини дека едвај влегува во нашата свест. Секој сектор на производство на храна тврди дека сегашната негова практика е одржлива и не треба да се менува. Но ова е само една од нашите претстојни кризи. Отпорноста на антибиотици е потенцијално смртоносна како и секоја нова болест. Една од причините е зачудувачкиот начин на кој овие драгоцени лекови се користат на многу сточарски фарми. Во некои делови на светот, сепак, тие се користат не само за да се спречи болест туку и да се стимулира растот. Ниските дози рутински се додаваат во храната: стратегија што идеално е дизајнирана за да се постигне бактериска отпорност.

Во САД, каде што 27 милиони луѓе немаат здравствено осигурување, некои луѓе сега се лекуваат со ветеринарни антибиотици, вклучувајќи ги и оние што се продаваат без рецепт за третман на домашните миленици. И ако антибиотиците престанат да бидат ефикасни, операцијата станува речиси невозможна. Раѓањето деца повторно станува опасно по живот. Хемотерапијата веќе нема да може безбедно да се практикува. Заразните болести што практично ги заборавивме, стануваат смртоносни закани. Би требало за ова да зборуваме толку често колку што зборуваме и за фудбалот. Но, повторно, ова едвај се споменува.
Нашите повеќекратни кризи, од кои овие се само неколку, имаат заеднички корен. Проблемот најдобро може да се илустрира преку одговорот на организаторите на „Бат Хаф Маратон“, масовна манифестација што се случи на 15 март, откако многумина молеа да се откаже.

– Сега е предоцна да се откаже или одложи настанот. Местото е изградено, инфраструктурата е поставена, локацијата и нашите изведувачи се подготвени – рекоа организаторите.
Со други зборови, трошоците за настанот ги надминаа потенцијалните ризици од пренесување болест и смртните случаи што може таа да ги предизвика. Времето, пак, што му беше потребно на Меѓународниот олимписки комитет за одложување на олимписките игри може да го одрази истиот овој вид размислување, но тие барем донесоа вистинска одлука. Високите трошоци во индустријата за фосилни горива, земјоделството, банкарството, приватната здравствена заштита и други сектори ги спречуваат брзите трансформации што ни се потребни. Парите стануваат поважни од животот – пишува Монбиот.