Минстрелс Галери, бенд што ги спојува музиката и визуелната уметност

452

Минстрелс Галери е бенд од Скопје, оформен во 2013 година. Нивната музика е комбинација од различни влијанија, како Хеви рок, Џез фузија, Европски фолк и експериментална музика. Кратко, се дефинираат како Прогресивен арт рок. Бендот е составен од Виктор и Слободан Танасковски, Даме Јовановски и Кристијан Тодоров. Покрај компонирањето авторска музика, тие се занимаваат и со визуелна уметност, а сите нивни цртежи и поеми поврзани со нивната музика тие ги изложуваат на промоциите и концертите на кои настапуваат. За нивните настапи и изложби поразговаравме со Виктор Танасковски, гитарист и вокал на бендот.

Како се формираше бендот „Минстрелс Галери“ и колку долго функционирате како состав?
Се познававме меѓусебно од претходни проекти, главно кавер бендови, па решивме да направиме нешто наше во овој состав, а годинава во март ќе бидат точно шест години од првата проба.

Кој беше кумот на бендот и како се одлучивте за името?
Името дојде некако спонтано. Поради влијание од средновековна музика, некој од нас предложи да се викаме Минстрел, па со понатамошно размислување дојдовме до Минстрелс Галери, што подоцна се поклопи со сликарскиот аспект.

Сами ги изработувате уметничките слики за вашите албуми. Дали сликањето е неминовен дел од вашата музика?
Може да се каже. На почетокот, по чиста случајност, за некои од моите поеми имав и идеја за визуелен приказ, па решивме да споиме сè во едно и тоа да биде составен дел од целата приказна.

Во населба Жданец организиравте дружење во природа кое го нарековте „Полу-акустичен доручек“. Како дојде до тоа?
Делумно од добра волја, делумно од немање друга опција. Во Скопје нема доволно места каде што можеш да направиш концерт каков што си замислил, без компромиси. Од друга страна, се покажа дека доручек во природа совршено нѝ одговара, многу сме задоволни од исходот и посетеноста.


Имате издадено два албума, а наскоро вашиот прв албум полни три години. Поврзани ли се тие меѓусебно, со оглед на тоа што крајот на вториот албум наеднаш се поврзува со првиот?
  Да, „Ignorance leads to ruin“ излезе во февруари 2016 година, а „To…“ две години подоцна. Иако крајот на вториот албум се навраќа на некои неодгворени прашања од првиот, сепак не би рекол дека се строго концептуално поврзани, замислени се како делумно независни еден од друг.

На промоцијата на албумот „To…“ која се одржа во Кино Фросина, бината беше претворена во ателје со уметнички дела од албумот. Како сликите се вклопуваат во него?
Па, сликите се составен дел од нашата музика уште од почетокот, иако на промоцијата на првиот албум, изложбата беше поставени во фоајето наместо на бина. На втората промоција, бината беше поврзана со четвртата и петтата песна на албумот.

Минатата година учествувавте на фестивалот „Синестетика“. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
Синестетика е фестивал кој го организиравме јас и Ана Кнежевиќ. Решивме да направиме фестивал кој ќе вклучува повеќе типови уметност на едно место – сликари, поети, ракотворци, музичари од различни жанрови, како и една потценета форма на уметност – готвењето. Првиот наш појадок беше пробна верзија за поголем фестивал, па така најверојатно ќе остане „Синестетика“ да се одржува напролет, а појадоците наесен.


На што работи бендот деновиве? Работите ли на нов албум и дали тој би бил продолжение на претходните два, или се работи за сосема поинакво нешто?
Да, правиме нови песни кои ќе се најдат на третиот албум. Се трудиме да одиме понатаму, односно да не се повторуваме во начинот на творење и да бараме нови методи, со надеж дека ќе излезе нешто тотално различно од минатите изданија.