Милано забрани пушење на јавни места на отворено

137

Милано е првиот град во Италија што забрани пушење на многу јавни места на отворено како паркови, стадиони, автобуски постојки па дури и на гробишта.

Излегувањето во Милано се смени засекогаш. Додека порано можевте да гледате луѓе кои држат чаша алкохол во едната рака и цигара во другата, тоа повеќе не е можно, бидејќи ограничувањето за пушење на јавни места стапи на сила вчера.

Во 2003 година, Италија стана една од првите европски земји што забрани пушење во затворено.

Милано сега стана првиот италијански град што воведе ограничувања за пушење на отворено како дел од пакетот мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатските промени. Другите планирани мерки кои треба да стапат на сила во следните триесет години, се однесуваат на намалување на загадувањето кое е  резултат од автомобилите и топланите.

Милано е еден од најгусто населените градови во Италија, и се наоѓа во долината на реката По, и е едно од местата со најзагаден воздух во Западна Европа. Марко Гранели, градоначалникот на Милано вели дека целта на новите мерки е да се намалат емисиите на штетни честички ПМ10, кои често ги надминуваат дозволените граници во Милано, како и да се заштити здравјето на населението. Чадот од цигари придонесува за загадувањето на градот со околу 8 отсто од ПМ10 честичките.

– Пандемијата ни покажа колку е чувствително здравјето на граѓаните, а вирусот ги напаѓа белите дробови. Не можеме да не ги наметнеме овие ограничувања – вели Гранели, додавајќи дека здравиот респираторен систем стана еден од приоритетите.

Забраната не се однесува на електронски цигари, а беше поддржана и од пушачи и од непушачи.

Џулио, лекар од Милано, верува дека ова е „многу важна мерка со која луѓето ќе можат да покажат меѓусебно почитување“.

Емануела, која е пушач, смета дека ваквите мерки се неопходни.

– Секој знае дека цигарите предизвикуваат рак и никој не смее да биде принуден да го вдишува чадот од тутун – вели таа.

Милано е еден од градовите особено погоден од пандемијата на коронавирусот, а Емануела исто така истакнува дека пушачите го зголемуваат ризикот од инфекција со тоа што ќе ги тргнат маските за да запалат цигара.