Микропластичен отпад е откриен на Монт Еверест

125

Микропластичен отпад е откриен во зоната на смртта на Монт Еверест, на надморска височина од околу 8.440 метри, објавија истражувачите во научното списание „Една земја“. Студијата, спроведена во 2019 година од страна на британскиот универзитет „Плимут“, открила 12 микропластични влакна на литар снег во областа на Еверест. Најголеми количества (79 микропластични влакна на литар снег) беа пронајдени во основниот камп, каде што низ годините се сместени експедициите за период до 40 дена.
Пронајдени се полиестерски, акрилни, најлонски и полипропиленски влакна, а истражувачите сугерираат дека потекнуваат од надворешна облека со високи перформанси што обично ја користат алпинисти, како и од шатори и јажиња за качување што се користат во обидите за искачување на планина.

Водечкиот автор на студијата, доктор Имоген Напер, во соопштението за медиумите посочува дека трагите од микропластика на Еверест се потсетник дека треба да се направи повеќе и да се преземат повеќе мерки за да се заштити животната средина.
– Во последните неколку години најдовме микропластика во примероците собрани низ целата планета – од Арктикот до нашите реки и длабоко во морето. Имајќи го тоа предвид, наоѓањето микропластика во близината на врвот на Монт Еверест е потсетник дека треба да сториме повеќе за да ја заштитиме животната средина – вели Напер.

Монт Еверест некогаш беше дел од недопрена природа, но планинарскиот туризам значително се зголеми во последните неколку години по првото познато искачување во 1953 година. Голем број авантуристи од странство оставаат зад себе скршени шатори, остатоци од јаже, пакувања од храна, празни шишиња, конзерви, лименки за пиво, шишиња со кислород и човечки отпад.