Мексиканската манија по „бубата“ ќе го надживее легендарниот автомобил

181

Омиленото возило на „Фолксваген“ сè уште се бара на пазарот, и покрај завршувањето на неговото производство

Фајненшел тајмс

Во Мексико голема е носталгијата по популарното „вочо“ или „бубата“ на „Фолксваген“ со препознатливиот мотор кој силно брмчи и заоблената каросерија, која за жал конечно ќе замине во историјата.

По 81-годишната љубовна приказна, еден од најдрагите и најиздржливте автомобили во светот минатата недела беше испратен за последен пат во единствената фабрика на германскиот автомобилски производител „Пуебла“ во централно Мексико. На свечената церемонија за испраќање на автомобилот во историјата беше повикан и маријачи бенд.

Но како инсектот по кој е наречен, достапниот автомобил кој со децении беше препознатлив во државата, сега најверојатно ќе го избегне „истребувањето“.

– Ако згасне производството на овој автомобил, ние ќе се потрудиме да ги поправиме сите преостанати за да ги зачуваме. На тој начин „бубата“ никогаш нема да умре – вели Артуро Дијаз, вљубеник во овој автомобил.

Работниците во фабриката на „Фолксваген“ носеа жолти маички со натписот „Ѝ благодариме на ’бубата’“ во чест на евтиниот и весел автомобил кој според некои процени некогаш опфаќаше една третина од сите продажби на автомобили во втората најголема економија во Латинска Америка, каде што „бубите“ 30 години беа официјално такси-возило.

Виктор Санчез Ороско, претставник градските власти од Гвадалахара, на Твитер објави дека „сите барем еднаш поседувале ваков автомобил, или барем еднаш се возеле во него“.

Класичниот модел на „бубата“, кој го дизајнираше Фердинанд Порше во 1930-тите години по нарачка на Адолф Хитлер како „автомобил за широките народни маси“, престана да се произведува во 2003 година, но во 21-от век доживеа реинкарнација. Од „Фолксваген“, сепак, соопштија дека „ќе се насочат на производство на други автомобили“, мислејќи на електричните. Наместо „буби“, од следната година фабриката „Пуебла“ ќе го произведува теренското возило „тарек“.

Најтврдокорните љубители сметаат дека новиот модел е бледа копија на оригиналот, кој е побезбеден но без препознатливите карактеристики. Маркос Буро (52), уредник во списанието „Вочоманија“, вели дека „автомобилот е многу поразличен од оној кој масовно се вози во Мексико. Несомнено е дека станува збор за автомобил за широките народни маси. Евтин за одржување и со воздушно ладење што го направи многу поиздржлив во екстремни ситуации“.

Оригиналната „Буба“, која првпат беше произведена во 1938 година, но во продажба беше пуштена дури по Втората светска војна, важи за легендарен автомобил. Од 1972-2002 година, неговата продажба ја надмина онаа на класичниот модел „Т“ на Хенри Форд, со тоа што беа продадени 21 милиони возила од првиот модел на „буба“ на „Фолксваген“, во Германија познат како „кефер“. Неговата продажба, пак, беше надмината од автомобилот „голф“, кого „Фолксваген“ го претстави како наследник на „бубата“. Сега најпродаван автомобил во светот е „тојота корола“.

Овој автомобил за кратко време стана легендарен и беше овековечен на големото платно како „бубата Херби“ во повеќе филмски остварувања. Мартин Фонсека (48), гордиот сопственик на „буба“ која ја купил со сопствени пари на 16-годишна возраст, вели дека автомобилот е „вистински воин кој не разочарува и може патникот да го одвезе на секое место“.

Тој беше меѓу милионите таксисти во Мексико каде што оригиналните жолти „буби во 1990-тите години беа заменети со „еколошките“ зелени опремени со каталитички конвертор што користи безоловно гориво.

Бидејќи автомобилите беа со три врати, возачите можеа да го отстранат патничкото седиште за повеќе патници да се сместат во задниот дел поради што многу пати беа оставени на милост на киднаперите и крадците, чија цел беа токму овие автомобили.

– Како таксист, ако возилото ви штеди гориво, сочувано е, а деловите се евтини, тогаш нема да размислите два пати за да го купите. Но не станува збор само за таксистите. Сите ги купуваа затоа што беа евтини, од семејствата, фирмите, па сè до канцелариските работници – вели Фонсека.

Во оскаровскиот филм „Рома“ на Алфонсо Куарон за градот Мексико во 1970-тите години, кога родителите решаваат да се разделат, таткото го напушта семејниот дом токму во „буба“.

Буро се сеќава дека користел чорап за карбураторот на неговата „буба“, за да го спречи истекувањето на бензинот, а потоа како поминал половина град само во прва и во втора брзина откако му се расипал кумплунгот, го заменил ременот со хулахопки од сопругата и без проблем возел во бура, додека сите други автомобили биле заглавени.
Автомобилите се движеа и покрај звуците на пукање, и покрај тоа што некои корисници на „буба“ се сеќаваат дека понекогаш се случувало да се запали задното седиште затоа што моторот на автомобилот се наоѓа токму во задниот дел од возилото.

– Токму поради овие нешта се вљубувате во возилото и потоа ве фаќа носталгија. Имам 52 години, а во мојата „буба“ се заљубив пред 25 години. Сега гледам како останатите љубители како мене ја пренесуваат нивната љубов кон овој автомобил на нивните деца – вели Буро.

Германија можеби е родното место на „бубата“, но Мексико дефинитивно е нејзиниот втор дом, а „бубоманијата“ стана светски феномен.

Аканкша Рустаги, дизајнерка на накит од Њу Делхи, објави на Твитер дека „тоа е единствениот автомобил што го сакала и ќе го сака во иднина“.

Поранешниот уругвајски претседател Пепе Мухика добил понуда од еден милион долари од еден арапски шеик за неговата „буба“ од 1987 година. Во Бразил, каде што порано се произведуваа „Бубите“, автомобилот има свој државен празник.
Старите „буби“ сè уште сообраќаат по улиците на Мексико Сити и во другите градови, особено во ридестите предели каде што многу подобро се покажуваат од поновите автомобили. Во меѓувреме, Буро изјави дека љубители од Јапонија, Кина и САД доаѓаат во Мексико за да откупуваат оригинални „Буби“ и потоа дома да ги реставрираат.

Како што еден љубител на овој автомобил од Флорида напиша на Твитер „сè додека има страст, сè додека има љубители, „бубата“ засекогаш ќе живее“. Ова не е збогум за „бубата“, туку „буба“ засекогаш.

Подготвила: Билјана Здравковска