„Мајкрософт“ ќе ги замени новинарите со роботи

264

Компанијата „Мајкрософт“ одлучила десетици новинари што работат на интернет-страницата МСН да замени со роботи, односно со автоматски систем за избор на вести и извештаи, објавија медиумите во САД и во Велика Британија. Новинарите што работат за МСН во моментот се занимаваат со објавување стории на медиумски организации, избор на наслови и фотографии. Меѓутоа, овие работни места и задачи сега ги презема вештачката интелигенција, пренесе Би-би-си.

Како што соопштија од „Мајкрософт“, ваквиот потег е дел од новите начини на компанијата за водење бизнис.
– Како и сите компании, ние редовно го оценуваме нашето работење. Ова може да резултира со зголемени инвестиции на некои места и одвреме-навреме пренасочување во други форми на бизнис. Новите одлуки не се резултат на тековната пандемија – велат од „Мајкрософт“.

„Мајкрософт“, како и некои други технолошки компании, плаќа новински организации да ги користат нивните содржини за одржување на интернет-страницата на МСН. Сепак, досега ангажирале новинари што одлучувале кои приказни да ги преземат и како да ги презентираат.

Според новата одлука, околу 50 новинари или произведувачи на вести, како што е наведено во нивните договори, ќе ги загубат своите работни места кон крајот на јули. „Мајкрософт“ ќе задржи само мал тим новинари што се во постојан работен однос, објави „Сиетл тајмс“.