Мари од „Роксет“ со себе ја однесе тајната за хитот „It Must Have Been Love“

240

„Времето толку брзо поминува. Не толку одамна минувавме денови и ноќи во мојот мал стан во Халмстад, слушајќи ја музиката што ја сакавме, делејќи ги невозможните соништа. И каков сон на крајот поделивме. Ти благодарам Мари, ти благодарам за сѐ! Беше неверојатна музичарка со маестрален глас, неверојатна изведувачка. Ти благодарам што ги обои моите црно-бели песни со најубави бои. Ти беше прекрасна пријателка повеќе од 40 години. Горд сум, почестен и среќен што можев да поделам со тебе толку многу време, талент, топлина, дарежливост и смисла за хумор. Сета моја љубов ви ја испраќам тебе и на твоето семејство. Ништо веќе нема да биде исто како порано“, ги сподели, скршен од болка, своите емоции на социјалните мрежи Пер Гесл, водачот на групата „Роксет“, по смртта на пејачката Мари Фредриксон (61).

Во текот на 1980-тите години шведската група „Роксет“ ги сними своите први два големи хита „The Look“ и „Listen to Your Heart“, кои многу брзо ги освоија топ-листите низ светот. Сепак, песната „It Must Have Been Love“ дефинитивно ја одбележа нивната кариера и стана една од најубавите љубовни песни на сите времиња. Оваа мелодија, која го обележи и филмот „Убава жена“, долго време беше тема на шпекулации.

Имено, се зборуваше дека Мари Фредриксон и Пер Гесл во оваа песна всушност ја опишале својата љубов, која имала свој крај. Иако и двајцата никогаш не ги негираа приказните што кружеа за нивната љубов, еден за друг секогаш зборуваа како за пријатели.

Мари Фредриксон почина на 9 декември во својот стан во Лондон, по долга и тешка болест. Од 2002 година се лекувала од тумор на мозокот, а како последица на болеста останала слепа на едното око, слухот ѝ бил оштетен и тешко зборувала. Поради влошената здравствена состојба Мари во 2016 г. ја откажа турнејата по повод 30-годишното постоење на бендот. Тогаш таа се обрати до обожавателите со емотивна порака.

– Ова беа извонредни 30 години на бендот „Роксет“. За жал, за мене сѐ е готово и затоа би сакала да им се заблагодарам на сите наши обожаватели, кои толку долго му останаа верни на нашиот дует – изјавила Мари.

Откако ѝ е дијагностицирана болеста во 2002 г., во 2010 година, Мари првпат настапува со Пер Гесл, кога го изведуваат хитот „The Look“. Кон крајот на 2013 година го издадоа повратничкиот албум „Nu“.