Мантил-фустанот е вечно модерен модел

439

Фустаните се еден од најдобрите избори ова лето, а доколку размислувате за спој на женственоста и практичноста, тогаш одлучете се за мантил-фустан, кој никогаш не излегува од мода. Магазинот „Ин стајл Еспана“ пишува дека ова парче облека е соодветно за комбинирање, а во исто време е соодветно за голем број пригоди. Копчињата ги прикриваат сите евентуални недостатоци и го истакнуваат најдоброто на вашата фигура.

– Доколку се одлучите за овој избор на фустан, предлагаме комбинации со ремен, кој ја истакнува половината, со што целата фигура ќе изгледа привлечно. Кога станува збор за должината, без разлика дали ќе се одлучите за долга или за кратка варијанта, нема да згрешите. Исто така, треба да се истакне дека и изрезот околу вратот дава сосема поинаква димензија. Ако се решите за ве-изрез, тогаш вратот ќе ви изгледа подолг, но се разбира за тоа пресудува личниот вкус – предлага „Ин стајл Еспана“.
Кога станува збор за комбинацијата со обувки, тоа исто така зависи од моменталното расположение, но секако потпетиците ќе ве издолжат, а со ниски обувки ќе имате спортски изглед. Можете да ги облечете и атрактивните чевли со платформи, кои не се толку заморни како високите потпетици.

Сепак, ако не сте високи, стилистите препорачуваат да носите мантил-фустан со хоризонтални риги, во комбинација со виски потпетици, особено ако должината е над или малку под коленото.