Македонско-бугарската турнеја „Една љубов“ почнува од Скопје

190

Осум града во Македонија и Бугарија беа вклучени во минатогодишната заедничка турнеја „Една љубов“ (One love), чиј дел беа познати хипхоп-ѕвезди од двете држави, која мина одлично кај публиката, докажувајќи дека музиката прави мостови, а не поделби.
Токму затоа „Една љубов“ продолжува и оваа година, но со проширен репертоар, прераснувајќи во фестивал.

Организатор е агенцијата „Иноватива груп“, а дванаесетчасовната богата програма ќе вклучува различни стилови на музика, фолклор, детски театар и вокални групи, популарни изведувачи од двете држави, стендап-комичари и кулинарски презентации.
Турнејата почнува со концерт во Скопје, на 16 јуни, во Градскиот парк. Влезот е бесплатен, а посетителите ќе уживаат во богатата програма и настапите на дечињата од хорот „Златно славејче“, групите „Љубојна“ и „Фолтин“, глумецот и стендап-комичар Сашко Коцев, „Некст тајм“ и Слаткаристика, и како гости ансамблот „Блгаре“, Графа и Деси Добрева.

Потоа на ред е концертот во Софија на 30 јуни, во Банско на 21 јули, во Варна на 28 јули, во Струмица на 11 август, во Кавадарци на 7 септември, во Русе на 8 септември. Турнејата ќе заврши на 5 октомври во градот Стара Загора во Бугарија.
Скопскиот концерт е под покровителство на Амбасадата на Бугарија во Македонија, а се очекува присуство на високи претставници од двете земји.
Програмата е различна за секој град, па во Софија ќе настапат: „Бон-Бон“, „Телефон 113“, „Некст тајм“, Слаткаристика, Апсурт и Васил Најденов. Официјален водител на фестивалот е Ники Станоев, а во другите градови ќе учествуваат: Оратница, Павел и Венци Венц, Криско, Тита, Апсурт, Влатко Стефановски, Стефан Влдобрев и други познати музички имиња од двете земји.