Македонски претставници на Олимпијадата во Полска

58

На годинашната спортска Олимпијада во Полска, на која се натпреваруваат Полјаци што живеат во други држави, учествуваа и тројца претставници од нашата земја, кои имаат полско потекло.

– Овој пат град-домаќин на Олимпијадата беше Гдиња, што ми беше особено драго, бидејќи мојата мајка е токму од ова место – ни рече Магдалена Димитрова, која заедно со нејзиниот партнер Никола Тасковски и со внуката Симона Димитрова го сочинуваше македонскиот тим.

Заедно со другите учесници тие биле сместени во студентски дом блиску до Балтичко Море, а импресионирани се од убавината на градот и од гостопримливоста на домаќините.

– Гдиња е модерен град, со интересни градби, а секојдневно тука се одржуваат разни манифестации, особено во летниот период. Впечаток ни остави посетата на Музејот на емиграција, каде што се фотографиравме на познатиот прекуокеански брод „Батори“, кој ги носел полските емигранти за Америка – ни рече Магдалена Димитрова.

Инаку, на Олимпијадата таа и Симона се натпреварувале во играње бриџ, Симона и во ергометрија, таа и Никола учествувале и во натпреварот во стрелање, а Никола во играње шах го освоил петтото место.

– Иако не постигнавме некои позначајни резултати, за нас беше битно учеството и тоа што запознавме многу луѓе од целиот свет што потекнуваат од Полска, на кои им раскажувавме за Македонија. Секоја вечер, по официјалното доделување на медалите, се дружевме со другите учесници, а песната ни беше постојан придружник. Ги пробавме традиционалните полски пироги, вид тесто што потсетува на палачинки.

Заедно со другите учесници бевме и во Сопот и Леба, каде што, освен во Гдиња, се сретнавме исто така со наши блиски роднини. Така, по цели седум години, ги видов моите вујковци, братучетките и други роднини. Се вративме со убави впечатоци, а планираме повторно да одиме на Олимпијадата во Полска за две години, но тогаш ќе бидеме поподготвени – вели таа.

Убав впечаток на учесниците на македонскиот тим на Олимпијадата во Полска им оставила и посетата на градот Кракоњ, каде што за две години ќе се одржи Олимпијадата.

– Бидејќи не беше далеку, решивме да го посетиме и убавиот Кракоњ, каде што останавме два дена. Бевме и во рудникот за сол „Влеличка“, кој се наоѓа 130 метри под земја и е под заштита на УНЕСКО, заедно со уште 11 рудници во светот. Годишно тука доаѓаат 1.700.000 посетители – ни откри Магдалена Димитрова, која, како што рече, се гордее со своето полско потекло.