Македонската естрада во дефанзива

79

Сè погласни се апелите на сите кои, на овој или оној начин, се дел од македонската естрада, која како и сè друго периодов живее само на Интернет, државата конечно да се погрижи за луѓето кои својата животна егзистенција ја оебзбедуваат како естрадни уметници, пејачи, музичари, продуценти, организатори на концерти и јавни нaстани….

Така Владимир Блажев – Панчо, член на групата „ДНК“ и диџеј вели стоп за дискриминацијата на евент-индустријата.

– Во денови кога секојдневно се шпекулира за тоа дали и кога ќе има избори и под кои услови, за тоа дали ќе има полициски час или не, морам да поставам прашање до сите надлежни а воедно и да ги повикам сите мои колеги кои се затекнати од целата ситуација: Што се случува со евент-индустријата? Дали и кога ќе се вратат настаните, концертите, театарските претстави, фестивалите и сите останати забавно културни настани за граѓаните? И што е најбитно, зашто никој не зборува за ова – прашува Владимир Блажев.

Според него огромен број музичари, диџеи, глумци, промотери, продукциски куќи, буквално немаат никаква информација за тоа кога и на кој начин ќе се вратат на работа.

– Ајде да преземеме нешто! За споредба, оваа иницијатива која започна на фејбук во Хрватска пред неколку недели, вроди со плод и веќе се избори за какви-такви одговори и ги има следните информации кои треба да се усвојат на почетокот на идната недела: Од 27.05, на затоворен простор може да има 150 луѓе, а на отворен 300. Важно е да се напомене дека за 1 човек треба да има 3 метри квадратни простор во самиот клуб. По тој принцип, во следните месеци тоа би прогресило вака:- 1 јули – 250 во затворен / 500 во отворен, 1 август – 500 во затворен / 1000 во отворен,1 септември – 1000+. Се разбира, доколку работите одат како што треба, и здравјето на граѓаните е сигурно. Ајде да се ангажираме и да побараме од одговорните да не сослушаат и размислат и за нашата ситуација! Било каков одговор или разговор би бил од корист, бидејќи оваа статус кво ситуација не води никаде! – апелира Панчо.

Деновиве на социјалните мрежи се јави и првиот човек на продукцијата „Авалон“ кој исто така бара да се вратат концертите во Македонија до крајот на јули.

– Полицискиот час како полициски час не е страшен. Ќе галами народот и ќе издржиме, но што по него? Во регионот концертите се вратија, и фестивалот „Егзит“ продава карти за августовското намалено издание, а нас никој ниту не прашал како сме, ниту има план и визија како би се вратиле во бизнисот да речеме, за некој месец. Концертите се бизнис, тие се двигател и на туризмот, „Авалон“ има барем 100 надворешни субјекти кои живеат и дел од соработката со нас. Имаме како „Авалон“ визија како да го заживее Охрид од крај на јули, Скопје од крај на август. Овој пост е апел, а по него следи катанец, ама само за Македонија – наведе во својот статус на социјалната мрежа Фејсбук Бобан Милошески.

Јоце Панов е еден од пејачите кои живеат само од своите настапи реагираат на состојбава што ги замре сите активности на музичката сцена.

– По речиси три месеци сакам да поставам едно прашање до сите мои колеги музичари, до оние на кои што музиката им беше единствената работа и егзистенција во животот, оние кои искрено ја сакаат музиката, кои го посветиле целиот живот на музиката, оние кои свиреле и пееле и без пари, а биле среќни и кога земале по 300 денари, но и кога земале големи цифри од настап, но никогаш не се откажале од музиката, оние на кои музиката им е професија, а не хоби. Сите потајно се надевавме дека ова ќе трае кусо, можеби месец или два, и дека после тоа сè ќе биде исто, па ќе се вратиме на нашата работа. Но кога веќе гледаме што се случува и кога сме свесни дека нема да имаме настапи уште многу, многу долго, според сето она што се најавува, прашањето ми е дали ќе бараме некоја колективна идеја, алтернатива или решение што понатаму со уметниците и сите оние што работата им зависи од јавни собири, или уште ќе си глумиме дека сè е ок, па ќе си пееме и свириме онлајн по дома, дури можеме – реaгира Јоце Панов.

Инаку за време на карантинот, некои општини во земјава организираа концерти на некои естрадни умeтници на плоштадите, што беа пренесувани на социјалните мрежи, по урнекот на она што се случуваше во регионот и воопшто во светски рамки.

Исто така деновиве Министерството за култура објави дека уметниците чии проекти од Годишната програма се откажани, може да аплицираат за државна помош од 14.500 денари за месеците април и мај. Уредбата се однесува и на финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои самостојно вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба. Паричната помош за филмските работници во земјава.

Уметниците од таканаречената независната културна сцена исто така реагираат и бараат помош од државата.