Македонија во второто полуфинале на „Евровизија 2019“

289

Од Македонската телевизија информираат дека наскоро ќе бидат објавени имињата на евровизискиот тим и на авторите на песната со која Тамара ќе нѐ претставува во Израел

Според редоследот на изведувачите на 64-то издание на „Евровизија“, кое во мај ќе се одржи во Тел Авив, Израел, македонската претставничка Тамара ќе настапи во второто полуфинале, на 16 мај, во втората половина на вечерта. Од Македонската телевизија исто така информираат дека наскоро ќе бидат објавени имињата на евровизискиот тим и на авторите на песната со која Тамара ќе нѐ претставува во Израел.

– Во секој случај, ќе има нови имиња, но ќе бидат задржани и некои од старите учесници, заради упатеноста, конекциите со шефовите на делегациите, претставниците на ЕБУ и слично – велат од МРТ.

Ждрепката се одржа во Музејот на уметноста, а домаќини беа Аси Азар и Луси Ајуб, кои се дел до водителската четворка и на годинашниот „Евросонг“. Исто така, градоначалникот на Лисабон, Дуаере Кордиеро, му ја предаде должноста на градоначалникот Рон Хулдаи, таткото на Тел Авив, со што и официјално овој град стана домаќин на „Евровизија 2019“.

Евровизискиот супервизор Џон Ола Санд по тој поводи изјави дека оваа церемонија е важен момент за манифестацијата, но и клучен миг за радиодифузерите што учествуваат на изборот, бидејќи дознаваат во кое полуфинале ќе настапат нивните претставници.

Најпрво беше утврдено во кое полуфинале ќе настапат земјите од големата петорка плус домаќинот Израел. Така, Шпанија, Франција и Израел се во првото, а Германија, Италија и Велика Британија во второто полуфинале. Потоа, во две вечери беа распоредени 36-те полуфиналисти во шест групи, врз основа на историските модели на гласање, во двете вечери пред финалето на 14 и на 16 мај, додека самата финална вечер ќе се одржи на 18 мај.

Во првото полуфинале, на 14 мај, ќе настапат претставниците на: Словенија, Белорусија, Црна Гора, Кипар, Србија, Финска, Полска, Унгарија, Естонија, Португалија, Сан Марино, Исланд, Грузија, Австрија, Белгија, Украина и Грција.
По барање на швајцарскиот радиодифузер СРФ, а по одобрување од референтната група, управното тело на евровизискиот натпревар одлучи Швајцарија да учествува во второто полуфинале.

Во второто полуфинале, освен македонскиот и швајцарскиот претставник, ќе ги слушнеме и пејачите што ќе ги претставуваат: Шведска, Ирска, Австрија, Молдавија, Летонија, Романија, Данска, Ерменија, Албанија, Азербејџан, Норвешка, Русија, Холандија, Хрватска, Литванија и Малта.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба во февруари. 


Од „ОГАЕ Македонија“ направија анализа на нашите досегашни настапи на „Евровизија“

– Од 2008 година, кога првпат се воведени две полуфиналиња, од вкупно 220 места во финалето, од полуфиналињата во сите 11 изданија на „Евровизија“, 97 или 44 отсто дошле од настап во првата половина од полуфиналето, а 123 или 56 проценти од втората. Статистиката му дава мала предност на настапот во втората половина. Македонија во првото полуфинале настапила 4 пати, а во второто – 7. Од нив, пет пати сме биле во првата половина од полуфиналето, а шест пати во втората. Единствен пласман во финале имавме во 2012 година, кога Калиопи настапи во првата половина (под редниот број 2) на второто полуфинале. Двапати сме завршиле 10-ти, но не сме влегле во финале (2008 и 2009), кога важеше правилото дека за последното, десетто место одлучува жирито, а и во двата случаи сме настапиле во втората половина од полуфиналето. Уште еднаш сме биле блиску до финале во 2016-та, кога Калиопи заврши како 11-та во второто полуфинале, со настап во првата половина, под редниот број 8 – велат од „ОГАЕ Македонија“.