Лозано: Ова е вистинско време за мојот прв голем концерт!

343

Утревечер на сите песни ќе пееме со публиката во еден глас. Секоја е посебна и има свој шмек, но би ги издвоил „Сонце не ме грее“, „Кога мене ќе ме немаш“, „Километри“ и секако „Јако, јако“

Непосредно пред неговиот прв голем концерт во арената „Борис Трајковски“, поразговаравме со Влатко Лозаноски Лозано за неговите очекувања, подготовките, за тоа од кого има најголема поддршка периодов и кои се неговите идни планови.

Зошто толку долго чекаше на твојот прв голем концерт, бидејќи на сцената си многу години и имаш многу хитови?

– Долго го чекав вистинскиот момент за голем солистички концерт, бидејќи според мене тоа треба да се случи кога еден артист ќе собере доволен број песни, хитови, кога ќе се изгради како целосен изведувач. Не дека претходно немавме настапи, напротив, настапувавме низ цела Македонија и надвор од неа, но мислам дека токму сега е моментот да се собере публиката на едно место.

Наградата „златна буба мара на популарноста“, што неодамна ја доби, беше генерална проба за твојот прв голем концерт во истата сала. Дали тоа те увери дека твоите верни обожаватели ќе бидат задоволни утревечер?

– Одличен беше настапот, задоволен сум како звучеше, но и како изгледаше, сите беа на врвот на задачата. Буба Мара за сите нас беше голем предизвик, но и одговорност, поради фактот дека нема човек кој не ја гледа таа манифестација, салата беше преполна до последно место. Тоа беше увертира на тоа што ќе се случува на концертот. Ветувам дека сите ќе уживаме утревечер.

Неодамна ја промовираше песната „Мајко“, заедно со спот, кој е авторот и зошто ја одбра токму неа како најава и покана за концертот во ВИП Арената?

– „Мајко“ е песна која што беше планирана уште од 2018 година, наменета за овој период, нумерата е на Лазар Цветкоски, текстот е на Магдалена, додека видеото е на Даниел Јовески. Задоволни сме од интересот, веќе за една недела направи гледаност повеќе од половина милион прегледи.

Се сеќаваш ли на твојот прв голем концерт на кој си присуствувал?

– Да да секако, еден од моите први поголеми концерти каде сум присуствувал како публика, беше на „Вајт снејк“ на скопско лизгалиште, каде си поминав прекрасно и тогаш ја увидов таа величествена еуфорија и енергија која се дели со публиката и артистите.

На кои песни, според тебе, ќе пееш заедно со публиката?

– Мислам дека на сите песни ќе пееме во еден глас, сите песни се прекрасни и си имаат свој шмек, но би ги издвоил „Сонце не ме грее“, „Кога мене ќе ме немаш“, „Километри“ и секако „Јако, јако“.

Ќе ни откриеш ли нешто од утрешната атмосфера?

– Ќе има од сѐ по нешто, гости ми се момците од дуото „Некст Тајм“, со кои уште од почетокот на мојата кариера се поддржуваме и се дружиме приватно. Концертот ќе се снима и планираме да биде и во ДВД формат.

Имаше ли понуди од некои модни дизајнери за настапот или ќе се придржуваш до твојот веќе препознатлив имиџ?

– За стајлингот ќе се погрижат професионалци, тоа го препуштам на мојот долгогодишен соработник кој и ме облече на „Евровизија“, тоа е Андреј Папаз и неговиот тим, а тука се и останатите мои поддржувачи.

Размислуваш ли за ширење на кариерата во регионот?

– Зошто да не, како тим, тврдам дека имаме голем потенцијал и квалитет и за надвор од границите, тамошната естрада е добро запознаена со нашата работа, сѐ почесто се пејат мои песни на музички аудиции, секако дека сме желни и за поголема публика.

Лазар и Ена Цветковски несомнено, толку добро те познават, што прават песни како создадени за тебе. Има ли и други автори кои знаат да ти ја погодат песната?

– Искрено тие најдобро ме познаваат. Во овој момент нема некој подобро што го знае мојот капацитет, мојата енергија, емоција, сензибилетет, начин на интепретација и секако ќе бидеме уште многу долго заедно.

Кој е најубавиот комплимент што си го добил досега?

– Баш ми е драго што со мојата појава им будам такво чуство, имало најразлични комплименти, конкретно само на еден не можам да сетам, гледам на нив најмалку да вратам со насмевка, со убав збор…

Од кого имаш најголема поддршка, кој ти дава најмногу ветер во едрата и те поттикнува секогаш да го даваш најдобро од себе?

– Има многу кои ми даваат поддршка, моето семејство, публиката е таа која што дополнитрлно ме мотивира, но пак ќе го споменам Лазар, кој покрај тоа што е мој соработник, мој пријател, добивам и многу совети, елан за работа.

Има ли некој на кого ќе ги посветиш најубавите љубовни песни на концертот?

– Ги посветувам на сите оние кои ќе се пронајдат во моите песни.