Литванец со дрон ги фотографира луѓето во самоизолација

236

Кога во Литванија беше воведен карантин, беа откажани и професионалните ангажмани на фотографот Адас Василаускас. Сепак, тој најде начин како да остане креативен, на радост на неговите сограѓани.

– Знаев дека треба да направам интересни фотографии, но и оти морам да ја почитувам препораката за социјална дистанца. Тогаш се сетив дека при фотографирањето на венчавките и свадбените веселби користев дрон, па така се решив да снимам неколку пријатели и да го објавам тоа на социјалните мрежи. Реакциите беа фантастични и така почна проектот на „карантински портрети“ – изјави Адас Василаускас за литванските медиуми, а веста со молскавична брзина го освои целиот свет.
Неговата желба да им го разубави времето во карантин на своите сограѓани во целост успеа.

– Сепак, сите фотографии се направени со согласност на оние што ги снимам и со нивна претходна подготовка, а тоа пак во овие денови е навистина добредојдено – вели тој.
Досега Адас овековечил над 250 свадби за време на 15-годишниот професионален ангажман како фотограф.