Липите на Партизанска и на кејот се вишнеат половина век

528
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Треба да почнеме да размислуваме за замена на старите липови дрвја во Скопје. Иако тоа е скап процес, тој не само што визуелно не би пречел туку и суштински би придонел да нема запирање во процесите на биолошката активност на дрвото, вели Бојан Симовски

Деновиве цело Скопје мириса на липа, автохтоно дрво што ги краси градските улици и булевари и важи за еден од симболите на градот. Некои од дрворедите, на пример оној на кејот 13 Ноември, се засадени уште пред земјотресот, а липите на булеварот Партизански одреди се вишнеат од 1970 година. Колку ли само приказни кријат клупите под крошните на овие дрвја што ги чуваат спомените на скопјани.

Многу познати светски поети ја опеале липата во своите дела, а некои славни композитори, како на пример Франц Лист и Франц Шуберт напишале песни за неа. Липата е национален симбол на Чешка, Словачка и Словенија, каде што има место што се вика Липице, а по него своето име го добила и многу познатата раса на коњи – липицанери. Според липата, месецот јуни во Хрватска е наречен липањ, а слично е и во Полска и во Украина, додека стотиот дел од хрватската парична единица куна е една липа. Во регионот нема кој не ја слушнал песната „Липе цвату“ на групата „Бијело дугме“, каде што на гајда свири познатиот македонски инструменталист на народни инструменти Стефче Стојковски.

Кај нас поетската манифестација „Празник на липите“, во организација на ДПМ, веќе стана традиција, а ова благородно дрво, со многу позитивни карактеристики, го има и во песните на наши познати пејачи. Раперот Тони Зен во својот нов албум една песна посветена на Скопје и ја наслови „Град липа“, а кантавторот Владо Јаневски баладата „Ко да вчера не ни било“ ја почнува со стиховите: „Отаде Вардар по мајски дождој/една улица мириса на липов чај…“.

Според Бојан Симовски, доцент по урбана дендрологија на Шумарскиот факултет во Скопје, липата е едно од најурбаните видови дрвја на северната полутопка.
– И Берлин во Германија и Стара Загора во Бугарија се нарекуваат градови на липите. Поради добрата стратегија на урбаните дендролози пред нас, и граѓаните на Скопје денес уживаат во придобивките на она што значи визија и чувство за просторно планирање и поквалитетен живот. Има три вида липи што се среќаваат кај нас – крупнолисна (Tilia plathyphyllos), ситнолисна (Tilia cordata) и сребрена (Tilia tomentosa) – и како ретко кои други урбани озеленувања засадени одамна, тие отсликуваат нешто што е поврзано со битисувањето на луѓето на овие простори. И денес липите во Скопје се нешто што нѐ поврзува, со кое може да се идентификуваме. Многу убави љубовни приказни се случиле под липите, интересни доживувања за кои сум слушнал од моите родители. Тие со носталгија ми раскажуваа за вечерните прошетки покрај липите на Партизанска, покрај кои денес чекорат нови генерации – ни рече професорот Бојан Симовски.

Проф. Бојан Симовски/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тој е на факултетот од 2007 г. и, како што вели, ги минал сите фази, а од 2015 година е доцент. Учесник е во проектот „Дендро-парк, училница во природа“, во чии рамки, во дворот на Шумарскиот факултет, е создадена градска светска шума со повеќе од 230 различни видови дрвја лоцирани на 4 хектари, меѓу кои е и липата.

Според сведоштвата на првите управители на скопските расадници, овие автохтони видови се избрани за озеленување на Скопје поради тоа што порано немало услови за лесен проток на стока и набавки на растенија од странство. Но тоа се покажало како исправен чекор, бидејќи по поплавата и земјотресот од 1962 и 1963 година липите биле едни од оние ретки дрвја што не се поместиле од местото за време на овие катастрофи, пред сѐ поради своите коренови системи. Токму затоа било решено да се продолжи и во иднина со нивно садење, а, за среќа, и по толку години дрворедите сѐ уште се во прекрасна состојба.

– Липите живеат од 150 до 200 години, а во урбана средина животниот век им е пократок, поради големите количества аерозагадување. Но, од друга страна, за овие видови издувните гасови од автомобилите се одлична суровина за производство на храна. Примањето на јаглеродниот диоксид, триоксидот е попроблематичен, значи преку фотосинтетски процеси создавање шеќери, односно храна за растението, а од преостанатиот дел се формира дрвна маса и ни овозможува почист воздух. Исто така големата топчеста крошна на липата е особено значајна за градската биолошка разновидност – објаснува Симовски.

Тој смета дека веќе е време да се почне да се размислува за постепена замена на постарите стебла.

– На кејот 13 Ноември има стари липи со доста големи димензии, кои со текот на годините ја губат својата естетска, а понатаму и физиолошка вредност.

Затоа, како што се прави во некои светски метрополи, така треба да почнеме да размислуваме за замена на старите липови дрвја во Скопје. Иако тоа е скап процес, тој не само што визуелно не би пречел туку и суштински би придонел да нема запирање во процесите на биолошката активност на дрвото – вели тој.

Инаку, секоја година Шумарскиот факултет во Скопје, во спрега со градот и со шумските претпријатија, прави извештаи што укажуваат на задолженијата за правилно одржување и заштита на животната средина, а во контекст на тоа и на липите. Но липите во градовите предизвикуваат и некои негативни ефекти, за кои, според Симовски, има решение.

– Во летни сушни периоди се појавува летен листокап, отфрлање на листовите, кога долг временски период површината нема да биде измиена од дожд, а познат е и „плачот на липата“, капење на медната роса, кога поради активноста на растителните вошки се создава леплива подлога. Во вакви случаи може да се прави запрашување со водни запрашувачи налето, за да се освежи крошната на липите. Исто така липите имаат силен коренов систем што знае да ги поткрене поплочените површини, а решението е околу стеблото да се направи жардиниера, со што се добива дополнителен простор за цветни површини – нагласува Симовски.

Тој ги спомена и алергиите, кои не се директна последица од поленот, туку пресудна е комбинацијата со негативни честички од загадувањето на воздухот, а нашиот организам реагира бранејќи се од непознатото, во овој случај со – алергија.
– И за тоа има лек, може крошните да се поткаструваат, односно пред да процветаат да се отстранат родните гранки. Се надевам и дека кастрењето на крошните, кои можат да бидат високи од 20 до 40 метри, поради висината на двокатните автобуси во иднина ќе се прави постручно, бидејќи со несоодветно поткастрување се случува соголување по целата должина на стеблото, со што овие повреди од механички стануваат и физиолошки и дрвото се суши – предупредува Бојан Симовски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Свето дрво кај старите Словени

Според професорката Маја Јорданова, липата била свето дрво кај Старите Словени, кои верувале дека таа ги чува од несреќи, уроци и дека лекува многу болести. Според преданијата, уште пред нашата ера, тие ги почитувале липовите шуми како божество во кое вршеле обреди, принесувале жртви, собирале мед и восок. Липата се спомнува и во грчката митологија. Еден од најубавите митови е оној според кој боговите Зевс и Хермес, маскирани како сиромашни патници, биле нагостени кај сиромашните Филомен и Баукида. Во знак на благодарност за нивната гостопримливост, по нивната смрт Зевс ги претворил во даб и липа. Во христијанскиот период многу често дрво од липа се садело до црквите за добра среќа. И денес во некои култури да се исече дрво од липа значи лоша среќа, додека други веруваат дека со своето присуство, ќе ги отстрани лошите духови од домот.


Чај од сопствено производство

Бранко Везенковски, воено лице во пензија, со сопругата секоја година бере липов цвет на кејот 13 Ноември во Скопје. Тој живее во близината на улицата Илинденска и верува дека во паркот и на кејот е почисто и може да се бере без стравување од загаденост.
– Липовиот чај е омилен во нашето семејство. Одличен е за смирување и за добар сон, а добар е и против болести на дишните органи, замор и прочистување на крвта. Цветот на липата треба да се бере заедно со ливчето што ги држи сите цветови заедно. Мирисот е прекрасен, уживаме во него, како и во мирисот на Скопје овие денови – вели Бранко Везенковски.
Исто така познато е дека липовиот мед има повеќекратно позитивно дејство на човекот.

Бранко Везенковски/Фото: Маја Јаневска-Илиева