„Лилиум“ е леталото на иднината

250

Компанијата „Лилиум“ разви необичен авион, кој всушност нема опашка, кормила, пропелери или нос, а се придвижува со 36 електромотори. Собира максимум четворица патници и пилот. Го нарекуваат летачки автомобил и станува сѐ попопуларен во светот на технологијата.
Во американскиот град Орландо на Флорида се гради платформа за полетување на ваквите летачки возила. Оттаму летачките такси-возила ќе летаат кон Тампа. Се планира платформата да се заврши до 2025 година. Еден лилиум-џет може да достигне 300 километри на час и да помине 300 километри, а резервацијата ќе може да се направи преку апликација слична на сегашните Убер и Болт. „Лилиум“ оди на струја, а полнењето му овозможува лет од еден час. Ова го потврди и Бади Даер, градоначалникот на Орландо.
– За оваа нова технологија што ќе го преобликува системот за транспорт и ќе донесе долгорочни придобивки за Орландо, ќе биде потребно да се постигне вистинско партнерство меѓу градовите и дизајнерите на системот. Ги баравме вистинските партнери за да бидеме глобални лидери во напредните системи за транспорт – изјави Даер.

Возењето нема да биде евтино. Ќе чини како авионски билет, но се очекува цената да падне како што системот ќе стане пошироко распространет. Таквиот систем во голема мера би го решил проблемот со сообраќајниот метеж, би ги сменил системите за контрола на сообраќајот, кои очигледно би работеле на сосема нов принцип, а димензиите и тежината на батериите сѐ уште се тема за истражување. Дозволи за проектот се побарани од Федералната администрација за воздухопловство на САД и од Одделот за транспорт. На почеток, трошоците за изградба на платформа за полетување на ваков тип возила, која би се простирала на околу пет илјади квадратни метри, не се премногу високи – 25 милиони долари, а во 2025 година би донел и 143 нови работни места.

– Сега ќе може да се стигне до Тампа за половина час, што значително го скратува патувањето што вообичаено трае од час и половина до два по пат. И нема друг начин да се влезе помеѓу Орландо и Тампа. Покрај тоа, не мора да биде крај на возењето бидејќи за само две минути можете да стигнете до Санкт Петербург во близината на Тампа – изјави Ремо Гербер, директор на „Лилиум“.