Лејди Гага ќе ја глуми вдовицата на внукот на основачот на „Гучи“

382

По големиот успех во филмот „Ѕвездата е родена“, добитничката на „оскар“ Лејди Гага се подготвува за нов филм за убиството на Маурицио Гучи, наследникот на основачот на италијанската луксузна модна куќа „Гучи“.

Ридли Скот, познат по своите филмски остварувања како „Гладијатор“ и „Марсовец“, ќе го режира и продуцира филмот, во кој Гага ја игра Патрисија Реџани, поранешната сопруга на Маурицио. Таа во 1998 година беше осудена за организирање на убиството на нејзиниот сопруг, кој беше наследник на империјата „Гучи“. Во 1995 година, Маурицио беше застрелан од платен убиец.

Реџани со внукот на Гучи имала две ќерки, а Маурицио наводно ја напуштил поради помлада жена. Според извештајот на „Тајмс“, Реџани во италијанските медиуми стана позната како „црната вдовица“. Таа одлежа затвор 18 години пред да биде ослободена во 2016 година поради добро однесување.

Сценариото за филмот ќе биде напишано од Роберто Бентивега, а ќе биде засновано врз новата книга на Сара Геј Форден „Куќата на Гучи: Сензационална приказна за убиство, лудило, гламур и алчност“, пренесе „Вераити“.

Ова ќе биде нова актерска пресвртница за пејачката Лејди Гага. Во меѓувреме, додека се подготвува за нова улога, таа е зафатена со лансирање на сопствената колекција за шминка и настапите во Лас Вегас.