Лекување дијабетес без лекови и игли

224

Научниците на чекор до револуционерна терапија

Третманот за дијабетес тип 2 би можел да биде без лекови и игли за инсулин. Научниците се на чекор до нова терапија, која успешно би ги нормализирала нивоата на шеќер и отпорноста на инсулин со изложување на пациентот на статички електрицитет и магнетно поле. Нов неинвазивен метод на терапија за дијабетес развиваат научници од Универзитетот во Ајова. Изложувајќи лабораториски глувци на статички електрицитет и магнетно поле неколку часа на ден, тие беа во можност да го контролираат и нормализираат нивото на шеќер во крвта, пишува „Сајенс дејли“.
– Откривме далечински управувач за контрола на дијабетес. Изложеноста на електромагнетно поле за краток временски период го намалува нивото на шеќер во крвта и ја нормализира реакцијата на телото на инсулин. Ефектите се долгорочни, па таквата терапија би можела да се добива навечер, за време на спиењето, така што нивото на шеќер ќе биде нормално цел ден – вели Калвин Картер, еден од авторите на студијата објавена во списанието „Сел метаболизм“.
Оваа студија покажала дека електромагнетното влијание ја менува рамнотежата на оксидантите и антиоксидантите во црниот дроб, а со тоа се подобрува реакцијата на организмот кон лачењето инсулин. Сето ова благодарение на молекулот што дејствува како „магнетна антена“.

Научниците сосема случајно дошле до откритието. Еден од учесниците во студијата, докторандот Суни Хуанг, требало да вежба земање крв од глувци и мерење на нивото на шеќер. За тоа, Картер му дал глувци што претходно ги изложил на електромагнетно зрачење во друг експеримент, во кој го испитувал неговото влијание врз однесувањето на животните.
– Наодите беа многу чудни, бидејќи е нормално лабораториските глувци да имаат висок шеќер во крвта и дијабетес тип 2, со оглед на тоа дека имаат генетичка предиспозиција за појава на оваа болест. Сепак, сите глувци што беа изложени на електромагнетно зрачење имаа нормално ниво на шеќер во крвта – вели Хуанг.
Тоа било проследено со истражување, кое покажало дека комбинираната изложеност на статички електрични и магнетни полиња го намалува нивото на шеќер во крвта. Исто така било забележано дека изложеноста на електромагнетно поле што е околу 100 пати посилнo од Земјиното, доведува до нормализирање на нивото на шеќер во крвта за три дена.

Овој тим има намера да продолжи со тестирање на поголеми животни и се надева на можноста неговото откритие да биде тестирано и врз луѓе, бидејќи досега немало никакви негативни ефекти.