„Ледената катедрала“ во швајцарските Алпи е подготвена за посетителите

134

Ледената пештера која се формира природно на глечер на голема надморска височина во швајцарските Алпи, стана достапна за посетителите кои доаѓаат да се воодушевуваат на огромниот син свод на т.н. „ледена катедрала“, пренесуваат светските медиуми.

Нејзиниот облик и големина варираат секоја година, а пештерата има заоблен таван создаден од дебел и цврст слој на мраз. Ледената пештера е висока околу пет, а долга 20 метри.

До местото може да се стигне пешки за 15 минути откако ќе се дојде со жичница од одморалиштето „Ле Дјаблере“, но организаторите предупредуваат дека тоа би било на сопствен ризик.

– Минатата година пештерата беше пострмна, а годинава навистина изгледа како катедрала. Многу е убава. Оваа година, внатрешноста е доста рамна, па пристапот е полесен – вели Бернард Чанен, раководителот на локалната туристичка заедница „Глесиар 3000“.

Природната пештера позната и како „Мелница“ се формира според ефектот на сифон. Во пролет и лето внатрешноста се полни со вода од топењето на снегот, формирајќи езеро. Наесен приливот секнува, а водата се истекува од пештерата.