Легендарната рок-група „Триангл“ повторно снима

830

Новите песни имаат весел призвук и наша цел е да ги расположиме луѓето во овие сиви времиња, па затоа и правецот по кој сега одиме го нарековме балкански или „чобан рок“, вели Кокан Пандиловски

Кокан Пандиловски, основачот на легендарната рок-група „Триангл“ (1975-1982), по подолга пауза, одлучи да го реактивира бендот, што остави голема трага во историјата на македонскиот рокенрол. Сѐ уште не се заборавени нивните хитови „Јана“, „Глинено око“, „Жена од камен“ и многу други. Досега се снимени две песни, а се работи и на неколку нови, за наесен се подготвуваат и живи свирки, а веќе се во преговори и за тапанар и гитарист во групата.
Засега, освен Кокан, во бендот членува и пејачот Благој Илиевски-Брега, а за менаџерските работи е задолжен Јозеф Наѓ.

– За мене музиката е неизлечив вирус и затоа одлучив повторно да се вратам, овој пат со балкански рокенрол, или „чобан рок“, како што го нарековме со Брега. Всушност, случајната средба со него на фестивалот „Мактеон“ во Кочани, пред десетина години, кај мене ја поттикна таа идеја. Искрено, воопшто не ми беше лесно по „Конкорд“, каде што долго време членував, повторно да му се вратам на „Триангл“, што за мене е и голема одговорност – вели Кокан Пандиловски.

Како што ни рече, тој најдобро функционира во тандем, во „Триангл“ со Борче, па со Јаблан, во „Конкрод“ со Венко, а еве сега соработува со Брега. И двајцата во шега велат дека, иако се средовечни рокери, музиката ги подмладува и им дава нова енергија.

Во домашното студио на Кокан веќе ги снимија песните „Куме, куме“ и „Фантазија“, за кои се направени и интересни спотови, со исечоци од светски и филмови од некогашната југословенска кинематографија.

– На 15 август ќе ја промовираме и песната „Фатална скопјанка и струмичка мулаткиња“. Како што може да се заклучи и според насловите, песните имаат весел призвук и наша цел е да ги расположиме луѓето, во овие сиви времиња, па затоа и правецот по кој сега одиме го нарековме балкански или „чобан рок“. Не е исклучено во некоја песна да употребиме и тамбура и хармоника и ќе се потрудиме секоја да има нешто специфично и во текстот и во звукот. Инаку, третиот спот ќе го снимаме наскоро, овој пат на некоја интересна локација – велат Кокан и Брега.
Во подготовки се и свирки на старо-новиот „Триангл“ низ Македонија, а на крајот, секако, и во Скопје.