Кучињата не би го пуштиле Трамп да игра покер со нив

445

Барак Обама е познат како љубител на модерната уметност, Џорџ В. Буш се занимава со сликање, додека вкусот за уметност на американскиот претседател Доналд Трамп ја изненади јавноста, откако Американците имаа прилика да забележат невообичаена слика закачена пред овалниот кабинет во Белата куќа, во текот на телевизиската емисија „60 минути“, пренесува британски „Гардијан“.

Невообичаената слика закачена во Белата куќа беше прикажана во телевизиската емисија „60 минути“

На сликата се прикажани поранешните претседатели од Републиканската партија заедно со Трамп, собрани во друштво со пијачки пред нив. Многумина го поврзуваат делото на уметникот Енди Томас во Белата куќа, со позната слика „кучиња играат покер“.

Многумина ја нарекоа сликата во Белата куќа републиканска верзија на уметничкото дело „кучиња играат покер“

На американскиот претседател друштво му прават Абрахам Линколн, Ричард Никсон, Џорџ Буш постариот, Двајт Ајзенхауер, Теодор Рузвелт, Роналд Реган и Џорџ В. Буш. Сите претседатели на сликата се насмеани и добро расположени.

Трамп веќе истакна дека Белата куќа е „дупка“, со што беше очекувано да ја декорира резиденцијата по сопствениот вкус, како што е случајот со „претседателската“ слика.

Но, неговиот избор за декорација предизвика потсмев меѓу корисниците на социјалната мрежа Твитер.

„Линколн од гробот ја менува партиската припадност“, „сега му преостанува само да закачи портрет од Елвис покрај себе“, „кучињата не би го пуштиле Трамп да игра покер со нив“, гласат дел од коментарите на Твитер. Набргу се појавија и бројни фото-монтажи, на кои на сликата беа сместени рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.

Сликата е предмет на потсмев на социјалните мрежи