Кросфитот е хармонија меѓу маратонот и спринтот

206

Сашо Јосифовски, кросфит-тренер во Абу Даби

Со оваа дисциплина имате подобар перформанс во секоја сфера на животот каде што е потребно физичко дејствување, вели Јосифовски

Ако имате вистинска пасија за кросфитот, тогаш работата со клиенти не се доживува како работа, туку како задоволство, вели Сашо Јосифовски, кој работи како фитнес-менаџер и персонален кросфит-тренер во „Голдс џим интернешнел“ во Абу Даби. Кросфитот во последно време му е главна алатка за постигнување резултати кај неговите клиенти. Според него, кросфитот и фитнес-културата во Абу Даби сѐ уште се во развој. Меѓутоа развојот е значително забрзан во споредба со светот. Секојдневно се отвораат нови комерцијални вежбалници и таканаречени кросфит-боксови, со што се зголемува нивото на компетитивност, што е одлично за надградување во новите фитнес-трендови.

– Како персонален тренер, понекогаш работам и по 12 часа дневно, во зависност од бројот на клиенти во тој ден. Кросфитот ми овозможува да ги издржам тие денови со леснотија. Најголеми промени или бенефиции се добар сон, се будам значително поодморен, имам забрзан метаболизам, зголемен ментален фокус и концентрација – вели Јосифовски.

Како се навлековте на модерната фитнес-дисциплина кросфит?
– Сѐ почна со мојот прв сертификат за персонален тренинг што го добив во Софија во 2013 година, бидејќи во тоа време беше единственото место каде што можеш да добиеш интернационално признаен сертификат. Се стекнав со диплома ниво 3 за персонален тренер на организацијата ЕРЕПС. Кога се преселив во Абу Даби, прво почнав со работа во хотел, каде што стекнав знаење во областа на менаџментот и работата со луѓе со различна верска и национална заднина. Подоцна имаше отворен конкурс во „Голдс џим“, една од најпознатите фитнес-франшизи во светот. Почнав како фитнес-инструктор, потоа бев унапреден во персонален тренер. Иако дотогаш имав добиено обука и сертификати за различни фитнес-дисциплини, малку знаев за кросфитот и за целата негова филозофија. Почнав да се едуцирам и постепено се стекнав со официјален кросфит-сертификат. Оттогаш го користам како главна алатка за постигнување резултати кај моите клиенти. Од пред година и пол сум унапреден во фитнес-менаџер.

Сега главна задача ми е организирање на другите тренери во мојата вежбалница. Во мојот тим имам 20 тренери од различни националности и фитнес-заднини, како кросфит, бодибилдинг, јога, бокс… Поголем дел од мојата работа е ориентиран околу дистрибуција на клиенти, организација на фитнес-настани, планирање буџети итн. Меѓутоа, сѐ уште сум им посветен на моите клиенти и на кросфитот, бидејќи не сакам да ја изгубам допирната точка со тоа што го сакам.

Велат дека кросфитот е создаден за да ги подобри фитнесот и здравјето…
– Кросфитот е фитнес-дисциплина составена од три елементи: олимписко кревање тежини, гимнастика и функционален тренинг. Официјалната дефиниција за кросфитот гласи: константно варирани функционални движења, изведени со висок интензитет. Целта на кросфитот е да изгради широк, генерален и применлив фитнес, поддржан од мерливи, воочливи и повторливи резултати. Со еден збор, кросфитот прави да имате подобар перформанс во секоја сфера на животот каде што е потребно физичко дејствување.

Со што ве фасцинира оваа фитнес-дисциплина?
– Можноста за напредување во толку многу различни сфери од фитнесот во толку краток период. Ова би го објаснил подетално вака, маратонецот е атлет што својот перформанс го базира на својот кардиоваскуларен капацитет. Маратонците имаат силно изграден аеробен капацитет, што им овозможува трчање на долги дистанци без замор. Но на сметка на тоа, мускулниот систем и системот за моќност губат значително. Од друга страна, пак, спринтерите на 100 метри имаат развиен мускулен систем и систем за моќност поради користењето на анаеробниот систем (процес на создавање енергија во отсуство на кислород). Но, на сметка на тоа, кардиоваскуларниот систем е значително намален. Кросфитот е дисциплина што ги комбинира овие два енергетски система во хармонија. На тој начин кросфит-атлетот се стреми кон фитнес со перфектен баланс помеѓу моќноста и издржливоста.

Само на долги патеки се постигнуваат моќни резултати. Што вели вашето искуство?
– Кросфитот е дефинитивно маратон на почетокот за секого, бидејќи ова е фазата кога секој негов елемент треба да биде беспрекорно технички увежбан, за дури потоа да се премине во фаза на интензитет. Кога индивидуата поседува доволно добра техника, тогаш со имплементација на интензитетот резултатите доаѓаат навистина брзо. Секој тренер треба да поседува официјален сертификат од Интернационалната кросфит- федерација пред да започне со негова имплементација. Јас се стекнав официјално со сертификат за тренер кросфит-ниво 1 во Дубаи. Целата должина на курсот беше во времетраење од три месеци и беше финализиран со дводневни тестирања во практика и теорија.

Која е базата што секој треба да ја совлада за да изгради добро тело и кросфит-дух?
– Ако имате вистинска пасија за фитнесот, тогаш работата со клиентите не се доживува како работа, туку како задоволство. Секој нов клиент што започнува со мене има едноставни цели: да се изгубат 10 килограми, да се подобри генералниот фитнес, да се зголеми енергичноста. Најдоброто нешто е тоа што имам можност да им ги проширам хоризонтите на моите клиенти. Така, по остварувањето на својата примарна цел, тие поставуваат нова цел: изведување комплексна вежба што отсекогаш посакувале да можат да ја изведат, подготовка за аматерски фитнес-натпревар, физички изглед што бил нереален на почетокот, а сега е нормална цел и слични аспирации. Оваа дисциплина овозможува толку многу прогресивни варијанти од секој негов поединечен елемент, што, без разлика на фитнес-нивото на клиентот, за секого има адекватна стартна линија.

Топ три работи во Абу Даби што ги обожавате?
– Топлото време преку целата година, со исклучок на трите летни месеци што се пеколно топли, времето во Абу Даби е прекрасно преку целата година. Потоа слободата на движење. Во Абу Даби нема рестриктивни зони и нивото на криминал е навистина ниско, затоа е еден од најсигурните градови во светот. И го обожавам „Ферари ворлд“, најдобриот лунапарк во Обединетите Арапски Емирати. Совршено место за секој обожавател на луди железници.