„Крај Вардарот џез“ на 23 и 24 јули

70

„Крај Вардарот џез“ е името на новиот музички фестивал и културолошка заложба на дискографската куќа „ПМЏ џез“ од Скопје, што ќе се одржи на 23 и 24 јули во паркот зад Младинскиот културен центар во Скопје.
– Наш основен интерес е пронаоѓање, создавање, снимање, издавање и промоција на квалитетна македонска џез, етно и кросовер-музика. Нешто што ова наше поднебје го раѓа во изобилство – велат организаторите.

Според програмата, на 23 јули (четврток) во 19.45 часот, кога почнува првата фестивалска вечер, ќе настапат: Филип Букршлиев, „Сетстат“, „Зули 3.4“ и „Кантон 6 трио“. Утредента, петок 24 јули, програмата започнува во 20 ч., а ќе ги слушнеме: „Светлост“ и „Одрон ритуал оркестра“, „Кобалт код јунит“ и Квинтетот на Јордан Костов.

Програмата ќе се одвива во паркот зад МКЦ-Скопје, по сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, во актуелната ситуација. Задолжително носење маси, столчињата ќе бидат поставени на два метра растојание. Бројот на посетителите е ограничен на 300 седишта, фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура.