Кралицата Елизабета остана без нејзиното последно корги, сега чува „дорги“

2029

Угина последниот преостанат пес од расата корги на британската кралица Елизабета Втора, со што таа првпат не поседува куче од овој вид, уште од Втората светска војна, пишува „Гардијан“.

Песот Вилоу мораше да биде успиен на негова 15-годишна возраст. Ова куче беше 14-та генерација, која потекнува од коргито Сузан, што ѝ беше подарено на тогашната принцеза Елизабета за нејзиниот 18-ти роденден, во 1944 година. Кралицата поседуваше повеќе од 30 миленичиња од оваа раса во текот на нејзиното владеење.

Медиумите објавија дека кучињата во Бакингемската палата немаат потомци од 2015 година, на барање на кралицата, бидејќи таа не сакаше да остави миленици по нејзината смрт.

Таа чува уште два песа, Вулкан и Кенди, кои популарно се познати како „дорги“. Тие претставуваат мешана раса помеѓу јазовичар и корги, создадена случајно, помеѓу јазовичарот што го поседувала принцезата Маргарет и едно од коргите на кралицата.

Кучињата се појавија заедно со Елизабета Втора на насловната страница на познатиот магазин „Венити фер“, учествуваа на отворањето на Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година, а претставуваа и инспирација за илустрациите во детска книга. Коргито стана и своевиден симбол на британската монархија.

Вилоу (лево) и Вулкан