Кралицата Елизабета и принцот Хари ќе одржат „кризен состанок“

386

Кралицата Елизабета за утре го повика својот внук, принцот Хари, на „кризен состанок“, за да разговараат во четири очи за идните активности за него и неговата сопруга Меган, откако без никаква најава, двојката соопшти дека сакаат да се повлечат од кралските должности.

Таткото на Хари, принцот престолонаследник Чарлс, и неговиот брат, принцот Вилијам, исто така, ќе присуствуваат на состанокот, што ќе се одржи утре на имотот Сандрингам во Нортфолк, на истокот од Англија, изјави извор од Бакингемската палата.

Според информациите, Меган ќе се обиде телефонски да се приклучи во разговорот од Канада, каде се наоѓа со нивниот син Арчи.

Хари и Меган, официјално познати како војводата и војводката од Сасекс, во средата, изненадувајќи го остатокот од кралското семејство, соопштија дека сакаат „нов работен модел“ што ќе им овозможи да минуваат повеќе време во Северна Америка и дека сакаат да станат финансиски независни.

Тие не ја консултирале 93-годишната кралица, ниту другите членови на кралското семејство пред да го стават своето соопштение на нивниот официјален сајт, а извор од Палатата наведува дека тој потег ја повредил и разочарал кралицата и другите членови на кралското семејство.