„Кој рано рани…“ не е повеќе во мода

175

Цел живот го слушаме ова: „кој рано рани, две среќи граби“ или „рано пиле – рано пее!“ Имено, општеството повеќе ги сака ранобудните. Тие не доцнат, имаат подобри оценки на училиште и напредуваат на корпоративната скала. Претставени се како личности што имаат многу постигнувања и што често стануваат извршни директори.
Но, што ако тоа не е точно? Што ако ноќните птици (какви што се многумина од нас) всушност се неопеани генијалци? Што ако ние ги менуваме правилата, ако ние сме подобро вклопени во модерното постиндустриско општество, со кое владеат полноќни шифранти, дигитални номади и независни могули?

Книгата „Зошто спиеме?“ на авторот Метју Вокер, директор на Центарот за проучување на човековото спиење на универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, детално го опишува нашиот 24-часовен дневен ритам – внатрешниот часовник што го координира падот на телесната температура на телото, кое се подготвува за спиење и кое повторно се загрева кога е време за будење. Д-р Вокер вели дека околу 40 отсто од популацијата се утрински луѓе, додека 30 отсто спаѓаат во ноќната група. Остатокот се некаде на средината.

– Ноќните птици не се такви по сопствен избор. Тие функционираат според распоредот што им го диктира нивната ДНК. Тоа не е нивна свесна вина туку генетичка судбина – вели тој.

Лекарите имаат име за оваа состојба: синдром на одложена фаза на спиење, кој се однесува на сите оние што одат на спиење подоцна од вообичаеното време. Фразата е сведена на иницијали што звучат застрашувачки, како некоја сериозна болест – ДСПС.

– Кога ноќните птици се принудени да станат порано, нивниот префронтален кортекс, кој ги контролира софистицираните мисловни процеси, останува исклучен или во т.н. офлајн-состојба. Исто како ладен мотор што се пали рано наутро и кому му треба мошне долго време за да се загрее – смета Вокер.

Можеби ова има еволутивна смисла.

– Кога првите луѓе живееле во мали племиња, доцното одење на спиење било работа на опстанок: некој морал да чува стража и да внимава на леопардите што демнат – се наведува во книгата.

Развојот на земјоделството доведе до тоа луѓето да одат во полето уште во раните мугри. Индустриската револуција донесе фабрики што се отвораат во осум наутро. Ноќните птици беа принудени да се навикнат на ова, па, така, промените си го зедоа својот данок.

Според студијата за хронотипови, ноќните птици умираат порано од ранобудните луѓе. Една друга студија во „Журналот за психијатриски истражувања“ покажа дека ноќните птици имаат 6 отсто поголеми шанси да заболат од депресија. Други студии наведуваат дека ноќните птици пијат и пушат повеќе, а имаат и повеќе сексуални партнери. Некои од истражувањата ја испитуваа поврзаноста со нарушувањата на личноста: макијавелизмот, психопатологијата и нарцизмот.

– Не е никакво изненадување фактот дека вработените што порано го почнуваат денот се оценети како повредни од страна на нивните шефови. Тоа е стара формула за успех – се наведува во студијата изработена од Фостеровото бизнис-училиште на Универзитетот во Вашингтон, која беше објавена во 2014 година.

Сепак, што ако модерните работни места не функционираат повеќе според оваа формула? Што ако тоа што сте ноќен човек всушност претставува предност?

– Јас никогаш не сум бил ранобудник – изјави основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг во 2016 година.

Тој наводно станува околу 8 часот наутро, со часови подоцна од традиционалните директори, но совршено во согласност со работното време на хакерите.

– Најпродуктивните кодери што ги познавам, како и писателите и веројатно многу други креативци, најдобро работат додека другите спијат, во време кога има најмалку дистракција – рече Тим Ферис, технолошки инвеститор и писател.

Технолошкиот титан на „Редит“, Алексис Оанијан, се фали дека доцна оди на спиење, обично околу 2 часот по полноќ и дека станува околу 10 или кога го буди мачката.
Традиционалното работно време од 9 до 17 часот полека излегува од мода, особено во креативните сектори, каде што работниот ден веќе не е поврзан со дневната светлина. Новата работничка култура посветува помалку внимание на точноста, а повеќе на креативноста и кршењето правила.

Ноќните птици се чудаци. Меѓу најпознатите се бунтовниците (Кит Ричардс, Хантер С. Томпсон), револуционерите (Мао, Сталин), генијалците (Џемс Џојс, Принц) и лудаците (Чарлс Менсон, Хитлер). Тоа можеби и не е случајност. Самата есенција на хронотиповите прави од нас чудаци што се склони кон тоа поинаку да гледаат на животот. По полноќ сме слободни да мислиме што и да посакаме, сонуваме што сакаме, безбедни од осудата на вештачкиот свет.

Дали тоа значи дека сме нарциси? Можеби. Барем сме поинакви. Можеби дури и посебни. Барем неколку научници се согласуваат со ова. Во една студија од 2009 година, Сатоши Каназава, провокативниот еволутивен психолог од Лондонската школа за економија и политички науки, направи обид да покаже дека ноќните птици се можеби и поинтелигентни од ранобудниците.

Други експерти наведоа дека ние сме природно понастроени кон ризик. Студијата на Универзитетот во Чикаго (2014) покажа дека ноќните бдејачи имаат генерално поголема подготвеност за ризик, особено кога станува збор за финансиите, етиката и слободното време.

Камила Кринг, данска деловна консултантка, ја основа правната група „БИ сасајети“, која лобира за промоција на флексибилни работни часови, како и за приспособување на училиштата кон различните човечки хронотипови.

– Компаниите можат да го користат познавањето на дневниот ритам како натпреварувачка предност – изјави таа.

Терминот дневна разновидност почнува да се вкоренува, бидејќи деловните менаџери испитуваат концепти како оној за тимската енергетска асинхронија, приспособувајќи го притоа и работното време, за да можат сите работници да работат тогаш кога се најефикасни. Можеби чудаците низ светов – кои се чувствуваат најживи во темница, безбедни во илузијата дека светот е нивен во оние неколку скапоцени часа додека другите спијат – конечно го добиваат своето признание.