Корените, љубовта и припадноста нѐ влечат кон Македонија

168

Ники е позната и признаена активистка и силен борец за афирмација на македонското име, јазик, посебност и цивилизациски вредности на нашиот етникум во мултиетничката мапа на државата Викторија

Во селото Бучим, под крушевските висови, и овие летни месеци убаво ги поминуваат нашите сонародници Ники и нејзиниот сопруг Борис Мишевски од Мелбурн, Австралија.
Тие често доаѓаат во својата прва татковина. Неизмерно им се радуваат на секоја нова визита, средби и дружби со многуте блиски и драги луѓе од Прилеп, Битола, Охрид, Скопје, Гевгелија и од други места во Македонија.

Ники имала едвај четири години кога од родното село Арменско во леринскиот крај од егејскиот дел на Македонија, со своите најблиски заминала во далечна Австралија. Поминува низ различни приспособувања во новата средина, но упорноста и истрајноста се нејзина одлика.

Таа станува позната и признаена активистка и силен борец за афирмација на македонското име, јазик, посебност и цивилизациски вредности на нашиот етникум во мултиетничката мапа на државата Викторија.

Во изминатите децении била вклучена во разни кампањи и други форми на дејствување, како и во тамошниот црковен живот. Иницијаторка е за отворање училиште за македонски јазик, претежно за возрасни од Беломорска Македонија, кои поради режимските блокади и голготата што ја минале не можеле порано да го учат својот мајчин јазик, како и училиште за дечињата чии родители потекнуваат од Република Македонија.

Почнала и со хуманитарни ангажмани во македонската добротворна организација од Резерво во Мелбурн, помагајќи им главно на нашите луѓе кога тие имале проблеми, особено оние што не го владееле англискиот јазик и за кои не била лесна адаптацијата во новата непозната средина.

Потоа Мишевска се вклучува во работата на македонската црковна општина Св. Димитрија, како прва жена во управата, а подоцна и како прва нашинка во епархиското собрание. Во тие времиња, заедно со Љуба Дамевска и со Дана Волчевска, ја формирала игроорната група „Македонка“, во која членувале стотина млади и која многупати настапувала на разни манифестации и фестивали, со успех презентирајќи го богатиот роднокраен фолклор, во културната средина во Викторија. Своја голема мисија имало и училиштето за возрасни што го изучувале македонскиот јазик, како и хорот на црковната општина.

Хуманитарната волонтерска работа е дел од животот на Ники Мишевска. Таа членувала во Националниот одбор за борба против канцерот во Австралија, директно ангажирајќи се во македонската заедница. Посетува низа семејства, поединци, групи и места, со совети за превентива од опасната болест. Ники непрестано е активна во Кралската детска болница во Мелбурн, каде што и со своја програма е во акцијата за помош на децата, пред сѐ македонските, но и на повозрасните иселеници.
Ники има донесено медицински помагала во битолската болница, како и ехо-апарати за медицинските центри во Битола и во Прилеп.

Таа е една е од основачите, заедно со Јанко и Лиле Георгиевски и Борис Брзаковски, на Австралиската хуманитарна организација за Македонија, која соработуваше со македонскиот и австралискиот црвен крст. За својата активност е добитничка на повеќе признанија.

Со посебно чувство говори дека таткото на нејзиниот сопруг Борис, Јонче Мишевски, бил иницијатор, донатор и директен учесник со верниците во изградбата на убавиот манастир „Св. Ѓорѓи“ во Бучим.

Корените, љубовта и припадноста кон своето влечат, затоа и доаѓаат по неколку месеци поминувајќи низ многу села и градови во татковината, но и низ повеќе земји во Европа – Унгарија, Германија, Италија, Франција, Австрија и др.

Во селото Бучим, Ники и Борис Мишевски се опкружени со зеленило и цвеќе и воодушевени кога песната на птиците ги буди наутро, а потоа уживаат под сенките на оревите, вишните и црниците. Им годи и тоа кога ќе седнат пред портите или во дворовите под лозниците, кај своите блиски и пријатели, па, долго, до доцните часови се разврзуваат многу муабети. И, кога во опуштена атмосфера се прелистуваат спомените, се кројат планови, се разменуваат информации, се слуша и понекоја песна…

Сѐ на сѐ, тоа се незаборавни часови и денови, кои одново ги враќаат на изворот на нивните македонски корени, каде и да ги однела судбината по меридијаните и континентите.