Концертна претпромоција на новиот албум на „Темпера“ во „Станица 26“

827

Во клубот „Станица 26“, вечерва, со почеток во 21 часот, во организација на продукцијата „3 гонга“, концерт ќе одржи македонската група „Темпера“. Членовите на групата ветуваат одлична свирка, на која ќе ги изведат песните од нивниот албум „Играј“, а премиерно ќе ја исполнат во живо нивната нова песна „Не застанувај“, за која неодамна направија и видеозапис, како и песни од нивниот нов албум, кој е во подготовка.

– По „Тивка река“ и „Ѕвер“, сега ја промовираме песната „Не застанувај“. Првиот албум е карактеристичен по различноста на стиловите на песните. Такви се и песните што ќе се најдат на вториот. Тивки сме како „Тивка река“, а енергични како „Ѕвер“. Нашиот нов албум е во подготовка и голем дел од него ќе биде отсвирен на нашиот концерт утревечер – велат членовите на бендот. Во овој скопски бенд, кој создава енергична музика, членуваат музичари, кои зад себе имаат сериозен професионален багаж, како Мите Димовски на тапани, Ѓоле Максимовски на бас, Драган Гиновски на гитара и вокалистката со разорен глас Тања Тас.