Колку трае имунитетот од ковид-19?

883

Колку трае имунитетот на коронавирусот? Ова е прашање што ја интригира научната заедница со месеци, а претпоставките и ставовите постојано се менуваат. Најново истражување тврди дека станува збор за години, а можеби дури и за децении. Осум месеци по инфекцијата, повеќето луѓе што закрепнале сè уште имаат доволно имунолошки клетки што можат да се одбранат од вирусот и да ја спречат болеста, покажуваат новите податоци.
Истражувањето укажува на тоа дека клетките на одбраната можат да постојат во телото уште многу, многу долго време. Истражувањето е спроведено на калифорнискиот институт за имунологија „Ла јола“ и е објавено на интернет, но сè уште не е направена рецензија, ниту е објавено во научно списание.
Од друга страна, како што објавуваат истражувачите, станува збор за убедливо најсеопфатната и најдолготрајна студија за имунитет на ковид-19.

– Тоа количество меморија на клетки веројатно би спречило огромното мнозинство луѓе многу години да добијат тешка форма на болест, зборуваме за болест за хоспитализација – вели Шејн Кроти, вирусолог и еден од авторите на студијата. Ваквите резултати треба да им донесат одредено олеснување на експертите што се загрижени дека имунитетот може да трае кратко и дека вакцината ќе мора да се прима повеќе од еднаш за да се одржи пандемијата под контрола.

Ова истражување се совпаѓа со друга неодамнешна студија – дека оние што страдале од САРС, предизвикан од друг коронавирус, сè уште носат одредени важни имунолошки клетки, иако поминале 17 години од нивното закрепнување. Друго истражување објавено минатата недела покажа дека луѓето што закрепнале од ковид-19 имаат моќни и заштитни имунолошки клетки, дури и кога не се откриени антитела.