Колку повеќе зелени километри толку повеќе поени

41

„Челинџер“ е првата македонска мобилна апликација што сака да направи регионален импакт преку наградување на луѓето што пешачат или што возат велосипед по локалните улици. Секој поминат километар пешки или на велосипед се брои и вреднува. Колку повеќе зелени километри толку повеќе поени, кои подоцна носат попусти и награди во локалните бизниси. Творци на апликацијата се: Олга Рајчиќ, Теодора Чижбаноска, Стефан Алексиќ и Митко Орцев.

– Целта е да се натпреваруваме и меѓусебно да се мотивираме, а со тоа да создаваме подобро општество и животна средина. Живееме во најзагадениот град во Европа. Бидејќи сите се повикуваат дека треба да се пронајде решение за загадувањето на воздухот, ние одлучивме да бидеме дел од тоа решение, а не дел од проблемот. Сакаме да им покажеме на нашите сограѓани дека нашите индивидуални активности и активностите на нашето опкружување можат да донесат мали промени, а со тоа да ги мотивираме и неактивните учесници да ни се придружат во предизвикот. Ако досега беше мит некој да те награди за совесното и екооднесување, ние одлучивме да го промениме тоа – велат создавачите на апликацијата.

„Челинџер“ има цел да поттикне одговорно однесување, да создаде заедница што меѓусебно се поддржува и мотивира, позитивно чувство помеѓу луѓето.

– Свесни сме дека живееме во општество каде што секој некого критикува, токму затоа нашата заедница е место каде што луѓето се поддржуваат и добиваат чувство на припадност. Наедно, сакаме да го поттикнеме натпреварувачкиот дух, но во една поинаква насока. Сакаме нашите корисници да се натпреваруваат со нивните зелени километри, а со тоа да креираме наши локални еколошки суперхерои, пример за сите во општеството. Со развојот на апликацијата сакаме да вклучуваме и елементи за поттикнување селектирање на отпадот, но за тоа во некоја наредна пригода – велат творците на апликацијата, кои „Челинџер“ ја гледаат како алатка што ќе носи позитивни промени низ целиот Балкан па и пошироко.