„Колектив ветерница“ тежнее да создаде општество за слободно растење

112

Колективот ја учи публиката дека танцовиот театар е во мода, дека може да се работи и да се учи низ игра, и дека зрелите продукти бараат време и трпение

„Колектив ветерница“ е колектив создаден за поттикнување на личниот развој преку работа во група и преку користење на креативната енергија со употреба на техники од глума, музика, песна, физички и куклен театар. Се залага за солидарност, еднаквост, повеќе уметност и култура во секојдневието, за слободната игра како најдобар начин на учење, за раскажувањето како најдобар метод за пренесување знаење и за самоорганизацијата како највисок степен за развивање одговорност и вклученост.

Мисијата на „Колектив ветерница“ е да ја користи уметноста како алатка за огледување, но и за менување на светот околу себе, тоа е невербален театар што ќе огледува, критикува, освестува и гласно ќе прашува без разлика дали на сцената се деца или возрасни. Основан е од Марија Бејкова (актерка) Билјана Митева (социјална работничка) Сања Врбек (илустраторка и политиколог) Ивана Нелковска (драматург) Билјана Димитрова (културна работничка). Низа проекти го полнат нивното креативно портфолио.

– Нашиот ветер е креативната енергија. Нaшите активности опфаќаат редовни часови по танцов театар со две возрасни групи (5-7 и 8-13). Имено, во рамките на овие активности е и соработката со „Ризома 21“, здружение за деца со Даунов синдром со кое ја создадовме претставата „Шумска бајка“, која беше прикажана во МОБ, како и многу други претстави. Понатаму се соработките со „Скопје креатива“ каде што имавме работилница „Кукли и приказни“, фестивалот „Прво па женско“. Тука се и соработките со општината Центар, Музејот за современа уметност, Министерството за култура, „Коноп-фест“, „Грин пауер“, „Фрик фестивал“, иницијативата „На точак“, фестивалот „Сонот на облачето“… Особена гордост ни претставува нашата прва видеопродукција односно краткиот филм „Рефлексии“ што ги обработува состојбите со кои се соочуваат децата во пубертет. Идејата е паметно користење на социјалните медиуми за полесно надминување на кризите во пубертетот – вели Билјана.

Преку колективот ја учат публиката дека танцовиот театар е во мода, дека може да се работи и да се учи низ игра, и дека зрелите продукти бараат време и трпение.
– Најважни ни се лекциите за создавање уметност преку соработка во група и солидарност. Она што ни е најважно е децата да работат на ослободување на креативноста и развивање на сопствените капацитети преку нивна интеграција во група, а понатаму преку развој на координација, комуникација, моторика и фантазија да почувствуваат себство и припадност односно сигурност и доверба – велат од „Колектив ветерница“.

Тие велат дека со театар се учи многу и тоа весело.

– Се учи преку асоцијации и игра, односно преку инволвирање на емотивниот систем на децата тие побрзо ги врзуваат логичките целини и повеќе памтат наспроти „учењето на памет“. За театарот особено се важни емоциите, а во нашата работа посветуваме особено внимание на нивното телесно или невербално изразување односно индиректно ги освестуваме. Така, децата во овој виртуелен свет имаат шанса да се спознаат себеси, но и нивните желби, идеи и капацитети, како и оптималниот начин за нивно остварување во надворешниот свет – додава Билјана.

Тие се стремат кон независен театар, отворен за сите, општествено ангажирани и критички настроени да го воведеме драмскиот метод на основните училишта, да ги заживееме подрумите со независна продукција што експериментира, рефлектира и создава. Уметноста како алатка за секојдневен поквалитетен живот, наместо само артефакт зад стакло – недостижен, далечен, уморен.

„Колектив ветерница“ тежнее да создаде општество што се грижи за слободното растење на своите деца и млади. Како и соодветни економски услови, подобри работни услови особено за работниците во културата, елиминирање на прекаријатот, криминалот и корупцијата.

– Културата е духовна храна. Таа ги создава волшебните нишки што ни даваат храброст, истрајност и доблест да бидеме луѓе. Ако се чувствувате уморно и празно, не е само заради вас, сите ние сме дел од поголемата слика. Робинзон Крусо е буржоаски мит, книга правена по нарачка, а „Колективот ветерница“ е самоорганизирана иницијатива што зборува за денес и утре. Па сега вие сами одлучете, големи сте, си знаете – додаваат од „Колектив ветерница“.