Кога рок-музиката се судри со операта

245

Како е снимена легендарната песна „Barcelona“

Идејата да се спојат еден од најголемите рок-пејачи на сите времиња и светски познатата сопранистка, за да се означи почетокот на Олимписките игри во Барселона, Шпанија, од денешен агол е историска и многу значајна. Фреди Меркјури и Монсерат Кабаље, со снимањето на дуетот за песната „Barcelona“, остварија еден од најмагичните моменти на 122-годишната историја на современите Олимписки игри. Ви ја донесуваме ексклузивната приказна за снимањето на ова вонвременско парче музика.

Никој не беше изненаден кога беше објавено дека оперската дива Монсерат Кабаље ќе биде една од главните ѕвезди на отворањето на Олимписките игри во Барселона во 1992 година. Овој шпански град се гордееше со харизматичната дива, на чиј глас се одушевуваше публиката до целиот свет во текот на 1960, 1970 и 1980-тите години. Меѓутоа, никој не можеше да претпостави дека нејзин партнер на церемонијата на отворањето на ЛОИ ќе биде пејачот на една од најславните светски рок-групи, „Квин“. И овој пат, како и во други големи соработки, среќата и моментот се покажаа како клучни.

– Поттикнати од возбудливата реакција на публиката на добротворниот концерт „Лајв ејд“ во Лондон во 1985 година, членовите на „Квин“ ја отфрлија летаргијата, која ги зафати во раните 1980-ти и тргнаа на светска турнеја во 1986 година. За време на престојот во Шпанија, тој даде интересен одговор на прашање во интервјуто за шпанското радио, кој, според него, има најдобар глас во светот. Фреди одговори: „Не го кажувам ова само затоа што сум во Шпанија, но, според мене Монсерат Кабаље го има најдобриот глас на планетата“.

Монсерат, која сигурно ја слушнала оваа изјава на Фреди, набрзо им се обратила на организаторите на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, по што никому не му беше сосема јасно чија беше идејата за нивната соработка, но едноставно се здружија и веќе се разгласи дека токму тие заедно ќе ја испеат олимписката химна – напиша Лесли-Ен Џонс, автор на верификуваната биографија на Меркјури. И за време на нивната прва средба, уште веднаш се почувствувала хемија меѓу нив.

– Тие се сретнаа во Барселона во март 1987 година, во хотелот „Риц“. Но Монти (Кабаље) ја чекаа со часови. Очигледно тоа беше нејзината навика, сите да ја чекаат како вистинска дива. Имаа приватен ручек во трпезарија со пијано во еден агол – објасни Џонс.

Питер Фрештон (личниот асистент на Меркјури) потврди дека и Фреди и Монсерат биле зашеметени еден од друг.

– Кај нив се родија чувства слични на оние што ги имаат луѓе што ги обзема љубов на прв поглед. Се разбира, до тоа не дојде, но и Фреди и Монсерат навистина гинеа еден за друг – потврди Фрештон.

Набрзо тие се сретнаа повторно во Лондон, во просториите на „Квин“ во Кенсингтон, каде што Монсерат дојде по нејзин настап во Кралската опера.

– Иако оперските пејачи се трудат да си легнуваат порано рано, Монти се забавуваше таа вечер, заедно со членовите на „Квин“ и остана со нив до зори, пеејќи ги нивните хитови, но и некои свои арии. Всушност, тоа беше своевиден натпревар на музички џинови – напиша Фрештон.

Операта и рокот не се баш природен спој, но не се ни неприродна комбинација, бидејќи зад успехот и во двата случаја стојат многу години специфична обука, а понекогаш и чувство на хаотичност и осаменост кај изведувачите. Кај Кабаље и Меркјури двете дисциплини совршено се совпаднаа.
– Фреди имаше фантастичен распон на гласот од четири и пол октави, што е доста невообичаено за една рок-ѕвезда – вели Џонс.

Тој чувствуваше голем респект за уметниците како Монсерат, кои вложиле многу во својата кариера. Беше свесен дека може многу да научи за пеењето од ѕвезда од нејзин калибар. Тој со задоволство разменуваше искуства со Монсерат, истовремено покажувајќи ја големината на својот раскошен талент, но и желбата за учење. Во интервјуто со Монсерат, по смртта на Фреди, беше очигледна нејзината тага, бидејќи, како што рече, таа го сакаше Меркјури и многу ѝ недостигаше. А светот, веднаш ја прифати песната „Barcelona“, уште по првите секунди од видеото беше јасно дека е направен одличен спој. Во спотот доминираше театралноста на големите пејачи и секако нивните вонсерсики гласови.

Мајк Моран беше продуцент и го напиша текстот, а за музиката се погрижија сите тројца. Освен легендарната мелодија, беше создаден и албумот на дуети, првпат објавен во 1987 година. Набрзо „Barcelona“ се најде на осмото место на топ-листите во Велика Британија, историско достигнување за една нумера од овој жанр. Иако не беше љубител на спортот, Меркјури со радост се подготвуваше за изведбата на „Barcelona“ пред билионскиот телевизиски аудиториум на отворањето на Олимписките игри во 1992 година. За жал, тоа не се случи. Откако во 1987 г. беше дијагностицирано дека е ХИВ-позитивен, тој почина во 1991 година. Кабаље настапи сама на отворање на Олимписките игри во Барселона во 1992 година и енергично ја изведе легендарната песна, а придружниот вокал на Меркјури беше пуштен на матрица. Па иако овие двајца музички џина, никогаш не застанаа заедно на олимписката сцена, ниту, пак, на сцената на Лондонската опера, како што се планираше, според Џонс, тие создадоа една од најубавите класични песни на сите времиња.

– Тоа е дел од музиката што ги надминува жанровите. „Barcelona“ ги спои Фредиевата флексибилност и артизмот на Монсерат во врвно уметничко дело. Поради оваа песна милиони луѓе во светот се заинтересираа за операта, а и денес со задоволство се слуша – изјави Џонс.

Во 1992 година „Barcelona“ го освои второто место на британските топ-листи, по изведбата на отворањето на Олимписките игри во 1992 година. Монсерат Кабаље почина на 6 октомври 2018 година, на 85 години.


„Боемска рапсодија“ втор најпрофитабилен музички филм

Откако заработи уште 15 милиони долари во третата недела од прикажувањето, филмот „Боемска рапсодија“, за животот на лидерот на легендарната група „Квин“, Фреди Меркури, го зазеде второто место по реализираната заработка на музички биографски филм на сите времиња.
Само „Директно од Комптон“ со вкупна заработка од 161 милион долари во 2015 година, стои пред „Боемска рапсодија“. Овој филм во првите три недели инкасирал 127 милиони долари. Инаку „Боемска рапсодија“ заврши на третото место на благајните оваа недела, зад фантастичните „Злосторствата на Гринделвалд“ и „Гринч“, објави „Варајати“.
Во странство, филмот „Боемска рапсодија“ досега заработил 256 милиони долари. Инаку, за снимањето на филмот беа потрошени 52 милиони долари.